30.3.15

Како правилно да се исчистат забите и устата

Начинот на кој што се мијат забите има големо значење. Постојат повеќе техники за правилно четкање така да секој би требало  да си има некоја своја техника на четкање,која на крај ке даде задоволителни резултати. Целта на четкањето на забите е да се добијат целосно чисти површини на сите заби,слузокожата на устата и јазикот.

 Правилното четкање би требало да овозможи темелно чистење на забите,а да не ја повреди гингивата. Затоа не треба да се употребуваат хоризонтални движења при четкањето,зошто на тој начин само се набива храната помеѓу забите,а може да се оштети забното месо па дури и самите заби.(се создаваат тн клинести ерозии).За да се зголеми ефектот на чистењето,влакната од четката треба да се постават под агол од 45 степени во однос на забната површина.

Најдобро е да се почне со чистење на надворешната површина на забите од едната вилица, одејќи по ред од едниот до другиот крај на вилицата. Чистењето се врши со кружни движења. Потоа се чистат внатрешните површини(од страна на јазикот),па на крај и џвакалната површина на сите заби.Откако темелно ќе се исчистат забите од едната вилица,истото се повторува и со забите од другата вилица.На крај од четкањето,не смееме да  заборавиме да го исчеткаме и јазикот.Обично за ваквото чистење ни треба 2 до 3 мин.
Идеално би било забите да се мијат после секое јадење.Меѓутоа докажано е дека и чистењето на забите 2 пати дневно,наутро и навечер дава задоволителни резултати.Вистина е дека забниот плак почнува да се таложи на забите многу бргу после четкањето,но за да созрее и во него да се населат бактерии,потребни се 2_3 дена.Така да темелно четкање 2 пати дневно е сосема доволно.
За зал,чистењето на забите само со четка и паста за заби не е доволно за темелно одржување на оралната хигиена.За правилна орална хигиена  треба да се користат и помошни средства,како интердентални четкички,забен конец и водички за уста.
Интерденталните четки се посебно конструирани четки за чистење на просторот помеѓу забите.Нивната употреба е доста едноставна.Тие само се вовлекуваат во просторот помеѓу два соседни заби и потоа едноставно се влечат надвор.При првата употреба на ваквите четки обично се јавува крварење при чистењето поради присуството на плак во овие простори,меѓутоа крварењето постепено се намалува и обично престанува после една недела.

Ако наместо интердентални четки се користи забен конец,потребно е да се знае правилната техника за користење.Од конецот би требало да се откине дел од околу 30-40см.,а краевите да се намотаат околу показалците на двете раце.Помеѓу двата прста треба да остане дел од 2 до 3 см.Тој дел се оптегнува и така внимателно се вметнува помеѓу два соседни заби,внимателно за да не се повреди гингивата. Со конецот не е доволно да се прават само движења напред-назад,бидејќи така  ќе се истургаат единствено поголемите делови од заостаната храна.Потребно е  конецот да се наслони на страничната површина  од едниот заб и со движење нагоре-надолу да се исчисти прво тој заб,а потоа и другиот.Тоа е техника која за кратко време се совладува и преминува во секојдневна рутина.

Водичките за уста се корисно помошно средство.Тие не можат да го заменат четкањето на забите со четка и паста за заби,туку само го надополнуваат .Целта на овие антисептички водички е да делуваат на бактериите кои заостанале после четкањето на тешко достапните места и да го успорат создавањето на нов дентален плак.Најефикасни се оние водички кои во својот состав имаат хлорхексидин.Меѓутоа користење на хлорхексидин се препорачува само кога има присуство на воспалителни процеси  или после некој оперативен зафат во устата.Бидејќи подолготрајната употреба повеќе од 2-3 недели може да доведе до промена бојата на забите и промени во осетот за вкус.Затоа за секојдневна употреба се препорачува послаб антисептик.

Алтернативна замена за водичките за уста би било користење на 3 % хидроген или лажица сода бикарбона растворена  во чаша вода. При плакнење на устата се зема околу половина голтка течност во устата која се мучка околу 30 секунди,а потоа течноста се исплукува.


No comments:

Post a Comment