26.5.15

Лекување на циркуларниот кариес кај децата


Неизлечените кариозни или прерано извадени млечни заби ја реметат нормалната функција на џвакање, правилната фонација, естетиката  и доведуваат до појава на разни ортодонтски аномалии. Поради тоа лечењето на кариесот кај млечните заби е од суштинско значење.

Лечењето на циркуларниот кариес кај млечните заби зависи од моментот кога родителот го довел детето на стоматолог, до која фаза прогредирал кариесот, од психолошкиот тип на детето, неговата здравствена состојба и од спремноста на родителите да  соработуваат. 

Успехот на лечење секако е поголем доколку детето дојде на стоматолог во почетната фаза на заболувањето.

Доколку детето дојде во стоматолошката ординација со болка и оток, треба веднаш да му се пружи помош, а санирањето на кариесот да се одложи за понатака.

Пожелно е лечењето да не се презема при првата посета на детето кај стоматологот ако не е неопходно. При првата посета, треба на детето да му се овозможи да се запознае со стоматологот, амбиентот во ординацијата, да седне на столицата и да ги види инструментите а сето тоа да е пропратено со разговор.


Дури во некоја од наредните посети, кога детето е спремно, треба да се санира кариозниот процес. Пломбирањето на млечните заби не се разликува многу од пломбирање на трајни заби, само што се употребуваат материјали прилагодени на детската возраст.

При посетата на стоматолог, неопходно е родителот да се убеди да го смени режимот на исхрана и лошите навики кај неговото дете.

Во засладените пијалоци кои ги пие детето треба  да се додава се повеќе вода со цел постепено да се разблажуваат се додека не се премине на чиста вода.
Кога доенчето покрај мајчиното млеко ќе почне да се прихранува, исхраната мора да е разноврсна и да ги содржи сите неопходни витамини, минерали, протеини, масти и јаглени хидрати.
Покасно, треба да се инсистира на конзумирање поцврста храна, како што се свежо овошје и зеленчук.

Не треба да се дозволи детето да заспива со цуцла или преку ден долго и често да пие засладени пијалоци.
Детето постепено треба да се одвикнува од цуцлата кога ќе наполни 12 месеци.

Од голема помош е и употребата на флуор препaрати, како за премачкување, така и за орална примена.


Од посебно значење е одржувањето на редовна и правилна орална хигиена. Додека детето не започне само да ги мие запчињата, за тоа мора да се погрижат родителите. Во продажба се голем број на средства за одржување на орална хигиена кои се наменети за детска возраст. 



Детето треба да користи мали четки за заби и пасти кои содржат флуориди. Додека детето само не ја совлада техниката на четкање на заби, треба да му се помага и од тој ритуал да се направи интересна игра. Наскоро четкањето на заби ќе стане негова навика и тешко дека детето ќе замине во кревет без исчеткани запчиња.

No comments:

Post a Comment