14.5.15

Забен кариес


Забен кариес е оштетување на цврстите забни ткива кое настанува кога бактериите во устата произведуваат киселини кои го разјадуваат забот. Дефектите кои што настануваат под  дејство на киселините не можат да се регенерираат по природен пат. Ако не се санира, кариесот ќе предизвика болка, инфекција и губење на забот.

Кариесот е едно од најраспространетите заболувања на сите континенти. Ги напаѓа двата пола, сите возрасти,  се јавува кај сите раси а посебно е потенциран кај цивилизираните луѓе.

Причинители на забниот кариес се бактериите и храната што ја јадеме. На непцата и на забите постојано се лепи прозирна наслага наречена дентален плак. Таа наслага е претежно составена од бактерии. Кога јадеме, бактериите се хранат со шеќерот кој го внесуваме и произведуваат киселини. Тие киселини ги напаѓаат забите и со тек на време предизвикуваат распаѓање на глеѓта и појава на кариес.


Шансите за настанување на кариес се поголеми доколку:

не се одржува редовна орална хигиена
- не се посетува стоматолог на секои 6 месеци заради редовна контрола
- ако се јаде претежно храна богата со шеќери и скроб кои ги хранат бактериите во устата
- ако не се примаат доволно флуориди. Флуоридите помагаат да се зацврсни глеѓта и да е поотпорна на дејството на киселините
-ако нема доволно плунка во устата. Плунката ги промива забите и со тоа ги заштитува од кариес. Намалена количина на плунка може да се јави при употреба на некои лекови, ако се дише преку уста, при некои општи заболувања како ксеростомија, Сјогренов синдром и др.

Симптоми на кариес

Обично кариесот не е пратен со некои посебни симптоми се додека не е зафатен поголем дел од цврстите забни ткива или кога настанува инфекција на забната пулпа. Во тие случаи најчесто се  јавува:


- болка, отекување на непцето до заболениот заб, лош здив и промена на бојата на забот

Како може да се спречи настанувањето на кариес?

- Водете сметка за оралната хигиена. Четкајте ги забите 2 пати дневно- наутро и навечер пред спиење. Користете забен конец и течности за плакнење на устата


- Редовно посетувајте стоматолог  на секои 6 месеци заради контрола и откривање на почетен кариес

- Избегнувајте храна богата со шеќери, посебно мека и леплива храна која повеќе се задржува во устата . Колку повеќе шеќерот е во контакт со забите, толку поголемо ќе биде оштетувањето.

- Избегнувајте да грицкате навечер пред спиење. Храната која заостанува на забите преку ноќта има поголеми шанси да предизвика кариес.

No comments:

Post a Comment