Showing posts with label детска стоматологија. Show all posts
Showing posts with label детска стоматологија. Show all posts

26.5.15

Лекување на циркуларниот кариес кај децата


Неизлечените кариозни или прерано извадени млечни заби ја реметат нормалната функција на џвакање, правилната фонација, естетиката  и доведуваат до појава на разни ортодонтски аномалии. Поради тоа лечењето на кариесот кај млечните заби е од суштинско значење.

Лечењето на циркуларниот кариес кај млечните заби зависи од моментот кога родителот го довел детето на стоматолог, до која фаза прогредирал кариесот, од психолошкиот тип на детето, неговата здравствена состојба и од спремноста на родителите да  соработуваат. 

Успехот на лечење секако е поголем доколку детето дојде на стоматолог во почетната фаза на заболувањето.

Доколку детето дојде во стоматолошката ординација со болка и оток, треба веднаш да му се пружи помош, а санирањето на кариесот да се одложи за понатака.

Пожелно е лечењето да не се презема при првата посета на детето кај стоматологот ако не е неопходно. При првата посета, треба на детето да му се овозможи да се запознае со стоматологот, амбиентот во ординацијата, да седне на столицата и да ги види инструментите а сето тоа да е пропратено со разговор.


Дури во некоја од наредните посети, кога детето е спремно, треба да се санира кариозниот процес. Пломбирањето на млечните заби не се разликува многу од пломбирање на трајни заби, само што се употребуваат материјали прилагодени на детската возраст.

При посетата на стоматолог, неопходно е родителот да се убеди да го смени режимот на исхрана и лошите навики кај неговото дете.

Во засладените пијалоци кои ги пие детето треба  да се додава се повеќе вода со цел постепено да се разблажуваат се додека не се премине на чиста вода.
Кога доенчето покрај мајчиното млеко ќе почне да се прихранува, исхраната мора да е разноврсна и да ги содржи сите неопходни витамини, минерали, протеини, масти и јаглени хидрати.
Покасно, треба да се инсистира на конзумирање поцврста храна, како што се свежо овошје и зеленчук.

Не треба да се дозволи детето да заспива со цуцла или преку ден долго и често да пие засладени пијалоци.
Детето постепено треба да се одвикнува од цуцлата кога ќе наполни 12 месеци.

Од голема помош е и употребата на флуор препaрати, како за премачкување, така и за орална примена.


Од посебно значење е одржувањето на редовна и правилна орална хигиена. Додека детето не започне само да ги мие запчињата, за тоа мора да се погрижат родителите. Во продажба се голем број на средства за одржување на орална хигиена кои се наменети за детска возраст. 



Детето треба да користи мали четки за заби и пасти кои содржат флуориди. Додека детето само не ја совлада техниката на четкање на заби, треба да му се помага и од тој ритуал да се направи интересна игра. Наскоро четкањето на заби ќе стане негова навика и тешко дека детето ќе замине во кревет без исчеткани запчиња.

19.5.15

Циркуларен кариес

Циркуларен кариес  е специфичен вид на кариес кој најчесто се јавува на млечните заби кај доенчињатaаи малите деца. Името го добил поради тоа што овој кариес се шири кружно околу вратот на забите, зафаќајќи ја целата коронка. Уште се означува и како “baby bottle caries” бидејќи исхраната преку цуцла има одлучувачка улога за настанување на овој вид на кариес. 

Карактеристично за исхраната во овој период од детството се честите дневни и ноќни оброци кои претежно се состојат од течна, засладена и кашаста храна. Посебно е лоша навиката детето да заспива додека се храни преку шише со цуцла или да ја држи цуцлата во уста додека спие.

Млечните заби се покриени со потенок слој на глеѓ кој при тоа е и послабо минерализиран, а дентинот е со пошироки дентални каналчиња и има послаба регенераторна моќ. Сето тоа допринесува кариесот побрзо да се шири и почесто да се јават компликации од кариес кај млечните заби.

Циркуларниот кариес најчесто се јавува на горните предни запчиња. Овие запчиња први изникнуваат и се најдолго изложени на разните засладени напитоци кои им се даваат на децата. Кај долните предни заби овој кариес поретко се јавува затоа што при цицањето од цуцлата , долните заби се покриени со јазикот.

Најголем ризик за настанување на циркуларен кариес има ако:

- детето често и долго заспива со шише со цуцла кое содржи вештачко или право млеко, сок или засладен чај

-ако спие со цуцла во устата која претходно е натопена во мед или некој густи сок.

Во овие случаи храната се задржува на предните заби и присутните шеќери под  дејство на бактериите кои ги има во устата се разложуваат до киселини. Киселините ја напаѓаат глеѓта, ја разјадуваат и започнува кариозниот процес.

Во почетокот се забележува само промена на бојата на делови од глеѓта, но за брзо време на тие места се јавуваат вдлабнувања кои се шират кружно околу целата коронка на запчето.За кратко време кариесот напредува кон пулпата на запчето и тогаш се јавуваат болки и оток.Во наредната фаза се разјадува кружно целото запче и доаѓа до негово кршење.

Напредувањето на циркуларниот кариес обично е многу брзо. Во рок од неколку недели од појавата на флеките на глеѓта, доаѓа до разорување на целото запче.

Покрај исхраната со засладена храна преку цуцла, причина за појава на циркуларен кариес  е и намалената заштитна функција на плунката кај малите деца. Малите деца обично не ја затвораат целосно устата при спиење, па предните запчиња брзо се сушат. Тие подолго време спијат, а при спиење плунката послабо се лачи во устата. Покрај тоа, плунката кај бебињата има на половина помалку одбрамбени антитела отколку во покасниот период.


Спрема тоа, циркуларниот кариес е резултат на недоволна грижа за првите млечни запчиња и преоптеретување со шеќери без да се воспостави правилна орална хигиена во овој период.

7.4.15

Залевање на фисури


Залевањето на фисури е многу важна превентивна мерка за заштита од кариес. Тука се водиме од начелото подобро е да се спречи, отколку да се лечи.

Искуството покажало дека  кариесот кај децата најчесто се јавува на гризните површини од катниците и преткатниците. На овие површини од забите видливи се бројни вдлабнувања, јамички, линиски бразди и жлебови кои со едно име се означуваат како фисури.Во овие фисури не можат да достигнат влакната од забната четка при четкање на забите, па поради тоа тука се создаваат услови за започнување на кариозен процес.

За да се спречи кариесот на гризните површини на забите, стоматологот ги залева фисурите со соодветен стоматолошки материјал.Со тоа се пополнуваат нерамнините и се добива површина која лесно се чисти. За оваа постапка не е потребно стружење на забите, што ја прави потполно безболна.

Залевањето на фисури најчесто се применува кај децата. Кај возрасните со текот на годините со самото џвакање се израмнуваат џвакалните површини на забите и се губи тој длабок фисурен систем.

За да се изврши оваа постапка, на стоматологот му е потребно суво работно поле, што значи дека е многу битно детето да соработува.Прво е неопходно забите да се исчистат со полирање.


Потоа на местото каде што ќе се залеваат фисурите се става ортофосфорна киселина која микроскопски ја нагризува глеѓта. Киселината делува 30 до 60 секунди а потоа се плакне. После тоа забот се суши па се аплицира залевачот. Тој е со течна конзистенција, па лесно навлегува во сите пукнатини. Со примена на полимеризирачко светло, материјалот се стврднува и со тоа залевањето е завршено. Целата постапка трае 5-10 мин.


Залевањето кај децата може да се направи и на млечни и на трајни заби. Меѓутоа, кога се работи за млечни запчиња, детето е уште малечко па е тешко да се оствари некоја соработка која му е неопходна на стоматологот. Сепак, истражувањата покажале дека доколку се залеат  млечните задни заби во голема мера се намалува процентот на кариес.

Залевањето е можно само кога има длабоки и здрави фисури. Затоа е најдобро да се залеат забите веднаш по нивното никнување. Ако помине подолго време, можно е во фисурите да започне кариозен процес кој тешко се забележува на почетокот. Ако започнал кариес, тогаш е потребно пломбирање на забите а не залевање на фисури. Затоа во случај да постои сомнеж за кариес, потребно е да се направи рентген снимка која ќе му помогне на стоматологот да одлучи која постапка треба да ја примени.




Залевачите обично остануваат на забите од 3 до 5 години.Сепак, потребна е редовна контрола  на секои 6 месеци  бидејќи со самото џвакање можно е да се истрошат па да има потреба да се заменат со нови.

26.3.15

Како да му олеснете на детето кога никнуваат запчиња

Ова се некои начини со кои може да му помогнете на детето кога е во период на никнување на заби:

Доколку детето е постаро од 4 месеци,од аптека може да земете некој анестетички гел или капки.Со чист прст или со стапче со вата натопено во гелот или капките,нежно правете масажа на местото каде излегуваат запчињата неколку пати на ден.


Бидејки детето во овој период повеќе се лигави,со чиста памучна крпа почесто треба да се бриши плунката за да не настане иритација и осип на кожата.Исто во овој период се препорачува да се дава повеќе вода или природни сокчиња без шеќер за да се надокнади изгубената течност поради зголеменото лачење на плунка.

Најдобро би било на детето во овој период да му дадете специјална играчка наполнета со вода  која ќе може да ја гризи.Добро е претходно играчката да е оладена во фрижидер.Со гризењето детето го намалува притисокот во вилиците поради пробивањето на забите.Во оваа цел,ако немате играчка ,може да послужи и разладено лажиче.

Може на детето исто да му се даде и корка леб да ја гризи,нормално при тоа постојано да се надгледува де не откине поголемо парче.Се препорачува за јадење да му се даваат разладено пасирано овошје и зеленчук.
Може да се масираат непцата и со чист прст или стапче со вата натопено во чај од камилица или жалфија.Никогаш не масирајте со прст натопен во алкохол.

Понекогаш детето го смирува нежна масажа на ножните прстиња,бидејќи тука се рефлекторните точки од вилиците.

Ова се неколку начини кои можат да му помогнат и да го смират детето кога му растат запчињата.

Битно е да се напомене дека со миењето  на запчињата треба да се започне практично со самото изникнување на првото запче.Во почетокот родителите му ги пребришуваат запчињата со парче газа натопено во вода,а покасно и му ги мијат запчињата со четка .Важно е детето колку што може порано да се осамостои за само да може да ги четка забите.Четката за заби треба да е малечка,а од пастата се става минимална количина,колку зрно грашок.И пастата за заби треба да е прилагодена на детето.



25.3.15

Симптоми при никнување на забите

Симптомите кои се јавуваат кај  бебињата при растење на забите се индивидуални и варираат од едно до друго дете.Кај некои деца забите излегуваат незабележливо преку ноќ,додека пак други деца реагираат со бурни симтоми и проаѓаат низ болен период.Болката ја предизвикува пробивањето на запчињата низ коската и гингивата при нивното растење.

Најчести знаци за растење на забите се:
-иритираност-детето е понервозно,често се буди ноќе и има намален апетит
-зголемено лачење на плунка
-појава на осип на кожата околу устата и на брадата-тоа обично се поврзува и со иритација на кожата од зголемено лигавење
-кашлање-од зголеменото количество на плунка.Ако нема други симптоми нема причина за загриженост дека се работи за друго заболување
-гризење и џвакање на се што ќе дофати-со тоа детето го олеснува притисокот кој го прават запчињата при пробивањето
niknuvanje na zabite

-триење на увото и образите-понекогаш болката од вилиците може да се рефлектира на увото
-пролив-и тоа се објаснува со зголеменото количество плунка кое ја голта детето и со тоа се разредува столицата
-покачена температура-докторите не се слагаат дека температурата е симптом на никнење на забите,меѓутоа искуството на мајките потврдува дека покачената температура често се јавува кај децата кога им растат запчињата.

Сепак,ако овие симпоми траат повеќе од 2-3 дена,посебно кашлицата,проливот и температурата,потребно е да се консултира лекар за да се исклучи некое друго заболување.

24.3.15

Никнување на првите запчиња


Не постои строго правило за тоа кога треба да никнат првите заби.Понекогаш има случаи бебето да се роди со изникнат заб,а има и случаи кога и после првиот роденден детето сеуште нема заби.

Во голема мера тука игра улога и генетскиот фактор.Ако кај родителите покасно никнале млечните заби,голема е веројатноста истото да се случи и кај нивните деца.

Некогаш се случува веднаш по раѓањето да се појават творби слични на заби во устата на бебето.Меѓутоа се работи за орожнати заостанати ткива кои не се прицврстени за коската и тие приметливо се нишаат.Таквите творби може да претставуваат опасност за бебето бидејки можат да се откачат и бебето да ги аспирира.Затоа во случај кај бебето да се забележат запчиња во првите 4 месеци,пожелно е да се посети детски  стоматолог.Ако се утврди дека не се работи за вистински заби,тие ќе мора да се извадат.

Млечните запчиња се вкупно 20 на број.Во најголем број случаи,децата до 2-3 годишна возраст ги имаат сите 20 запчиња.Никнувањето на запчињата обично е по следниот редослед:

-6-7 месец-централни секачи
-7-9месец-латерални секачи
-10-14месец-првите катници
-15-18месец-очниците
-2-3години-вторите катници