Showing posts with label препораки и совети. Show all posts
Showing posts with label препораки и совети. Show all posts

15.5.15

Чистење на јазикот


Чистењето на јазикот е древна метода која денес станува се повеќе популарна заради тоа што ефикасно го отстранува непријатниот здив.

Додека спиеме, телото ги исфрла токсините, а јазикот е еден од органите преку кој организмот ги исфрла токсините од дигестивниот систем. 
 Дел од тие токсини се забележуваат како бела наслага на јазикот. Во таа наслага живеат милиони бактерии кои негативно влијаат не само на здравјето на забите и устата, туку и на општата здравствена состојба. Тие можат да предизвикаат низа заболувања како кардиоваскуларни проблеми, пневмонија, инфекции на носот и грлото... Затоа со редовно чистење на јазикот, се елиминираат наслагите и се одржува добрата здравствена состојба на забите и устата, како и на целиот организам.

Во специјализираните продавници за здрава исхрана или во подобро снабдените аптеки може да се најдат соодветни чистачи за јазик.


 Тие обично се метални или пластични и се анатомски прилагодени за чистење на овој орган. Со овие чистачи за јазик , 10 пати поефикасно се елиминираат бактериите отколку со четка за заби.

Во случај да не можете да најдете специјализиран чистач за јазик, може да се употреби и четката за заби или обично метално лажиче.

Техниката на чистење на јазикот е доста едноставна.

Исплазете го јазикот и со чистачот или со лажичето стружете ја површината на јазикот со движења од коренот према врвот на јазикот. Движењата се повторуваат  4-5 пати, се додека се исчистат наслагите. После секое движење, чистачот се промива со топла вода. На крај, се препорачува јазикот да се исчетка и со паста за заби па да се промие со вода.

Јазикот е најдобро да се чисти наутро, на празен желудник. Ефектите од чистењето се  чувствуваат доколку редовно се практикува оваа постапка.

Редовното чистење на јазикот ги отстранува белите наслаги, го елиминира лошиот здив,го подобрува осетот за вкус и го чува здравјето на забите, устата и целото тело.


Унапредете ги хигиенските навики и започнете секојдневно да го чистите и јазикот.

11.5.15

Што се афти?


 Афти се мали ранички кои се јавуваат на слузокожата од усната празнина. Овие ранички се многу болни, а болката дополнително се зголемува при џвакање , зборување или поместување на образите. Се појавуваат изненадно и тоа најпрво на местото се јавува непријатно чувство, жарење, пецкање, црвенило, болка и оток. Најчесто се јавуваат на врвот или на страните од јазикот, како и на внатрешната страна од образите и усните.
 Процесот просечно трае од 3 до 14 дена.


Афтите се доста чести. Се проценува дека 60 % од луѓето имаат афти барем еднаш годишно. Најмногу проблеми со афти имаат младите на возраст помеѓу 20-40 години, а преку 85% се јавуваат кај жените.

Причината за појава на афти не е позната.

Искуството зборува дека афти се јавуваат при : опаѓање на имунитетот, генетска предиспозиција, недостаток на витамини или минерали, преосетливост на некоја храна, при повреда на слузокожата на устата од гризење или иритација од некоја стоматолошка изработка ( протеза, пломба ..), при покачена телесна температура, заради стрес, психичка напнатост, бактериски или вирусни инфекции, анемија, умор, при менструален циклус, настинка, грип, лоша исхрана, исцрпеност.

Покрај тоа афтите може да се појават и при некои кожни болести, болести на сврзното ткиво, кардиоваскуларни заболувања или како последица на леукемија, хемотерапија или зрачење.

Раничките во устата траат од 7 до 14 дена и обично самите се повлекуваат.

За превенција се препорачува подигнување на општиот имунитет, јадење храна богата со витамини и минерали, доволно спиење и редовно вежбање.

За терапија на афтите се користат препарати кои содржат анестетици кои ќе ја намалат болката и средства за дезинфекција на раничките.

Се препорачува плакнење на устата со 3% хидроген пероксид за дезинфекција или со раствор на солена вода ( ¼  лажичка кујнска сол растворена во 200 мл вода )

Кога ќе се појават афти:

-избегнувајте џвакање на цврста храна како чипс, корка од леб, пржена риба и сл. Таквата храна може дополнително да ја надразни афтата и да ја зголеми болката.

-Забите четкајте ги внимателно со четка за заби со меки влакна.


-избегнувајте кисели и жестоки пијалоци, кисели и јаки зачини и жешка храна и течности.

Афтите после 1 до 2 седмици поминуваат сами од себе.

 Лекарска помош треба да се побара само во случај  ако се јават невообичаено големи афти, ако траат повеќе од 3 недели, ако болката е многу голема и не се смирува и во случај  да има и други општи симптоми како покачена температура, кашлица, дијареа.

7.5.15

Храна за здрави заби


Кога јадиме некоја храна, битно е да имаме на ум дека воедно ги храниме и бактериите во нашиот организам, а тоа посебно се однесува на усната празнина и забите. Денталниот плак всушност е тенок слој кој ги препокрива забите а е претежно составен од бактерии. Затоа од големо значење е видот на храна која ја консумираме.

Пред се многу е важна конзистенцијата на храната. Цврстата храна ги разработува жвакалните мускули, ја масира гингивата, ги чисти меѓузабните простори и го поттикнува излачувањето на плунка. Плунката има заштитна функција со тоа што ги чисти забите со испирање и ја намалува киселоста во устата. Затоа секогаш одлучете се за цврста храна кога имате избор.Одберете шницла наместо мелено месо, свежо овошје наместо компот.

Разновидната исхрана богата со витамини, минерали и белковини е многу значајна за здравјето на забите.

Јадете свежо овошје и зеленчук богати со влакна. Оваа храна ја чисти устата и поттикнува лачење на плунка. Особено корисни за забите се: јагоди, јаболка, агруми, киви,круши. Ова овошје е богато со вит. Ц , кој е важен за целото тело па и за забите. Недостаток на вит. Ц доведува до ослабнување и кинење на колагенските влакна кои го прицврстуваат забот за коската, па се отвара пат за продор на бактерии што може да доведе до пародонтопатија.








Јагодите природно ги полираат забите, бидејќи произведуваат ензим кој ги обелува забите.

Од зеленчук изберете морков , млад компир, брокула, тиква, домати, целер... Тие содржат вит. А кој е неопходен за изградба на глеѓта.

Сирењето, млекото, јогуртот и останатите млечни производи се многу здрави за забите. Фактот дека не се кисели ја намалува можноста за ерозија и пропаѓање на забите, а исто се богати со  калциум и фосфор кои се неопходни за здрави заби.

Кромидот и лукот содржат соединенија со сулфур кои се природни антибиотици и убиваат голем број од бактериите. Затоа се препорачуваат во секојдневната исхрана.

Оревите се богати со витамини и минерали, калциум, калиум и цинк и се многу здрави за забите.


Интегралниот леб со семенки е доста поздрав, бидејќи треба подолго и поцврсто да се жвака, во споредба со белиот, леплив леб.

Што се однесува до намирниците од животинско потекло, корисни се  пилешко , мисиркино, говедско месо како и јајцата бидејќи содржат фосфор. Фосфорот, заедно со вит. Д и калциумот се главни состојки на коскениот систем и овие елементи ги прават забите цврсти и здрави.

Поголем дел од билките делуваат благотворно на забите и усната празнина.
Цимет, магдонос, камилица, жалфија,нане, рузмарин- имаат антисептичко и противвоспалително дејство и го освежуваат здивот.


Што се однесува до течностите, најздрави за забите се водата, млекото, незасладените чаеви и природно цедените сокови без додаток на шеќер.


Посебно е лековит зелениот чај бидејќи изобилува со минерални соли и флуор кој штити од кариес. Зелениот чај содржи и антиоксиданси, витамини, а посебно е богат со вит. Е кој го успорува стареењето. Заради присуството на полифеноли  и флавониди, зелениот чај  го јакне имунитетот.  Помага во борбата против стресот заради  L-теанинот ( вид на аминокиселина) кој го содржи. Заради сите овие состојки, зелениот чај претставува извор на виталност и е битен за севкупното здравје кое се огледува и на забите и на нив влијае.

27.4.15

Стоматолошки интервенции кај бремените жени


 Многу е важно идните мајки во тек на бременоста редовно да го посетуваат својот стоматолог. Најдобро би било контролите да се прават на секои два месеци или најмалку 2 пати во тек на целата бременост, како стоматологот би го прател оралното здравје на трудницата и навремено би реагирал ако има потреба.

Идеално е да се санираат забите претходно,  кога се планира бременоста, а после тоа само да се води сметка за добра орална хигиена и редовно да се прават контроли кај стоматологот.

 Меѓутоа, доколку има потреба од некои стоматолошки интервенции во тек на бременоста, секако дека можат да се извршат. Стоматолошките материјали се испитуваат долги години наназад, како би биле што помалку штетни за ранливата категорија на пациенти како бремени жени, деца, хронични болни.

Доколку е можно, добро би било во првото тромесечие да се избегнуваат стоматолошки интервенции, бидејќи во тој период плацентарниот крвоток е најпропустлив, па некои медикаменти може штетно да влијаат на плодот. Најповолен период за интервенции на забите е од  3ти до 6ти месец на бременост.


Стоматологот треба да  соработува со гинекологот кој ја води бременоста. Доколку се работи за нормална бременост, рутинските стоматолошки интервенции можат нормално да се изведуваат кај идните мајки. Оралнохируршките интервенции се изведуваат само со консултација со гинекологот. 


Поголемиот број хируршки интервенции можат безбедно да се вршат, додека интервенции кои не се хитни, како белење на заби, вградување на импланти, ортодонтски третмани, се одлагаат за после породувањето.

Што се однесува на локалната анестезија, не постои пречка за нејзина примена кај бремените пациентки, само треба да се води сметка за видот и дозата на анестетикот.

Во тек на бременоста, треба да се внимава со употребата на аналгетици, бидејќи може да влијаат на плодот, продолжена бременост или постпородилно крварење.

 Ако е неопходно, се примаат антибиотици  од пеницилинска група, додека тетрациклинските антибиотици се строго забранети, бидејќи можат да имаат несакани последици за плодот.


Она што бремените жени би требало да го знаат, е тоа дека рентгенското снимање во тек на бременоста може најмногу да му наштети на плодот. RTG снимањето треба да се одложи до после породувањето. Ако навистина е неопходно да се направи рентген снимање, тогаш се прави со најдобри апарати, во најстроги услови и заштита на плодот со оловни престилки.

Сепак најбитно е,  доколку кај бремената жена се јават болки и инфекции во оралната регија, стоматолошките интервенции не смеат да се одложуваат.

24.4.15

Нега на забите при бременост


Доброто орално здравје е од витално значење за идната мајка и нејзиното бебе.

 Доколку се работи за планирана бременост, многу е важно да се посети стоматологот пред бременоста, за дa се поправат кариозните заби и да се санира устата. Тоа ќе ги спречи несаканите компликации и ќе ги зачува забите.

Во тек на бременоста најважно е да се одржува редовна орална хигиена. Забите треба да се четкаат темелно 2 пати дневно и да се употребува забен конец или интердентална четка за да се исчистат бочните страни од забите.


За време на бременоста треба да се смени приборот за одржување орална хигиена. Пастите и геловите за избелување на заби треба да се исфрлат од употреба, затоа што содржат повисоки концентрации на водороден пероксид.

 Доколку се јавува утринско гадење и мачнина, треба да се избере четка за заби со помала глава, меки влакна и да се користат поблаги пасти за заби. Подобра варијанта е употреба на паста за заби на база на растителни состојки пр. жалфија, камилица, прополис.

Четката за заби се менува на секои 2 до 3 месеци за да се спречи насобирањето на бактерии.


После четкањето устата треба да се исплакне со течност за уста или со чај од камилица или жалфија.





Во тек на бременоста треба да се избегнуваат благите оброци. Потребно е да се јаде здрава, избалансирана храна богата со витамини, протеини и минерали. Млечните производи  од типот на јогурт и сирење се добар извор на минерали потребни за здрави заби, непца и коски на бебето.


За здрави заби на бебето, се препорачува земање на таблети флуор од 1 мг, од 4-ти месец на бременоста па до крај на доењето.


              Стоматологот треба да се посети најмалку 2 пати во тек на бременоста.


23.4.15

Стоматолошки проблеми во тек на бременост


Со оглед на тоа дека бременоста влијае на сите аспекти од животот на жената, неопходно е во текот на тој период  да се обрати особено внимание како на општото така и на оралното здравје.

 Многу мајки се жалат дека во тек на бременоста  се зголемила појавата на кариес на забите и од тогаш изгубиле барем еден заб.
 Кај народот постои верување дека во тек на бременост, забите ослабнуваат заради тоа што калциумот од забите на мајката преминува во плодот.
 Ова верување не е точно, зошто при недостаток од калциум кај плодот, тој се ослободува од коските на мајката, а не од забите.
 Сепак, вистина е дека се јавуваат стоматолошки проблеми кај бремените жени.

Во тек на бременоста, повеќето жени имаат гадење и повраќање. Киселините од желудочниот сок ја оштетуваат глеѓта и забите се поподложни на кариес.

Кај некои жени се зголемува потребата за грицкање, посебно на блага храна. Шеќерот од храната предизвикува расипување на забите.

Сепак, најчест и најголем проблем при бременоста е појавата на гингивит, т.н. гравиден гингивит.

Гингивитот во бременоста настанува заради хормоналните промени во телото на идната мајка и тоа е нормална физиолошка промена во тек на бременоста. Гингивитот обично започнува околу вториот месец од бременоста заради покачено ниво на хормони или промена на имунолошкиот статус.

 Се манифестира со црвенило, оток и крварење од непцата.Во некои случаи гингивата препокрива поголем дел од забите со што се отежнува самочистењето во устата.

Основно правило при гингивит е редовно одржување на хигиената на устата и забите, но некои трудници, заплашени од крварењето при четкање, престануваат со редовната орална хигиена. Тоа само уште повеќе ја влошува состојбата.

Во одредени случаи , ако постои наследна основа, гингивитот може да премине во пародонтопатија, или во една хронична форма-пиоген гранулом. Тоа е безопасен, мек израсток со црвена боја, најчесто локализиран во меѓупросторот на предните заби. Грануломот обично не е поголем од 2 см и не предизвикува болка.Најчесто се повлекува сам од себе после породувањето. Ако во тек на бременоста грануломот предизвикува пречки или почне да боли, може и хируршки да се отстрани.




Гингивитот и крварењето на непцата може да потрајат во тек на целата бременост. После породувањето, кога хормоните се враќаат на физиолошкиот статус, се губи и гравидниот гингивит. Меѓутоа, заради намалена орална хигиена во тек на бременоста, веќе дошло до појава на кариес и промени во ткивата околу забот.

14.4.15

Штетност на флуоридите


Иако флуоридите во ниски концентрации делуваат позитивно во превенција на кариес, ако се внесат во организмот во поголеми дози имаат токсично дејство. Како и секој лек , така и флуорот во повисоки концентации од дозволените, претставува отров.

Високите концентрации на флуор може да предизвикаат акутно и хронично труење.

При акутно труење, смртоносната доза за деца е околу  15 мг/кг , а за возрасни најверојатно  5 мг/кг  телесна тежина. Велиме веројатно, затоа што вакви случаи се прилично ретки, а и дозирањето е индивидуално, така да со сигурност не може да се каже колкава доза е смртоносна.

При акутното труење настанува нагло влошување на состојбата, пратено со хиперсаливација, мачнина, гадење и повраќање. Смрт обично настанува како резултат на респираторна парализа или престанок на работата на срцето.

Почесто се среќаваат симптоми на хронично труење со флуор. Опасноста настанува ако се надминат препорачаните дози за внесување на флуор.

Проблемите настануваат бидејќи денес  флуорот се додава во водата за пиење, пастата за заби, водичките за уста, млекото, солта па дури и во брашното. Ако подолго време во организмоот се внесуваат повисоки дози од препорачаните, може да настане хронично труење со флуор.

Флуоридите внесени во организмот претежно се складираат во коските при што настанува скелетна флуороза која е видлива и на рентген снимка. Натрупувањето на флуориди во почетокот не е пратено со некои посебни симптоми, но со тек на време доведува до ослабнување на коските.
При хронична флуороза, флуоридите се натрупуваат и во тироидната жлезда и во епифизата што доведува до хормонални пореметувања.

 Флуоридите делуваат и на бубрезите и предизвикуваат ренална дисфункција.


Што се однесува на забите, поголеми концентрации на флуориди предизвикуваат дентална флуороза. Тоа е пореметување во структурата на глеѓта во периодот на развој на забите.





При флуороза, глеѓта на забите не кристализира соодветно кога се развива и настануваат промени во самата структура. 


Тоа се гледа како појава на бели дамки на забите,
а во потешки случаи дамките се жолтеникави до темни.Глеѓта е покршлива и помалку отпорна на кариес.



Со други зборови, флуорот и тоа како има корисни ефекти, но 
како и секој друг лек, само во тераписки дози.

9.4.15

Флуоридна терапија за превенција од кариес


Флуоризацијата е универзално прифатена од стоматолозите и другите медицински лица како корисна метода во превенцијата на кариес.

Флуоридната терапија може да е локална или систематска.

При локалната терапија флуоридите се нанесуваат директно на површината од забите, а при систематска,  флуоридите доаѓаат до забите преку крвотокот.

Во средства за локална терапија со флуор спаѓаат: пасти за заби, водички за уста, таблети за лижење, гелови за премачкување на забите кои во себе содржат флуориди.


Во денешно време, скоро сите пасти за заби и водички за уста содржат флуор. Меѓутоа се работи за многу ниски концентрации кои не се доволни за превенција на кариес.


Кај лица со повисок ризик од кариес, стоматологот може да препорача премачкување на забите со флуоридни гелови или таблети за лижење кои содржат флуориди.

 Во таблетите за лижење обично има нешто повисока концентрација на флуор- до 1 мг. Ваквите таблети се држат во уста додека не се растопат со што флуоридите директно делуваат на површините од забите но дел од нив и се апсорбираат во устата, така да тие имаат и систематско дејство.



Флуоридните гелови ги аплицира стоматологот. Прво забите се полираат, а потоа се премачкуваат со гел кој стои во устата околу 5 мин. После гелот се плакне, а пациентот не треба да консумира  храна, течности и цигари наредниот половина час.




Систематската флуоризација може да се врши преку флуорирана вода, млеко, сол или со помош на таблетки со флуор.

Таму каде што е флуорирана водата за пиење, нема потреба да се примаат никакви други суплементи со флуор.  Американскиот центар за контола на болести, ја сврстил флуоризацијата на вода во првите 10 најголеми здравствени достигнувања на 20 век.


Во земјите каде питката вода не е флуорирана се препорачува примање на таблети со флуор, посебно кај децата до 14 години кога се развиваат трајните заби.

Нив ги препишува стоматолог во строго определена концентрација.

Препорачани дози на флуор се:

- деца од 6 месеци до 3 години -0,25 мг
- од 3 год.  до  6 год. -0,50 мг
- од 6 год.  до  14 год. – 1 мг

Докторите обично препорачуваат бремените жени  да  пијат флуорни таблети  од  4ти месец на бременост во концентрација од 1 мг. Тоа е периодот кога започнуваат да се формираат зачетоците на заби кај плодот.

Флуорот кој се прима орално преку  таблети , се вградува во структурата на забите и ги прави забите поцврсти и поотпорни на кариес.

8.4.15

Флуориди и превенција од кариес


Глеѓта е забно ткиво кое го препокрива видливиот дел од забот во устата. Тоа е најцврстиот орган во човечкиот организам. Изграден е од тесно збиени кристали од  минерали и е прва бариера во одбрана од кариес.

Во глеѓта секојдневно се одвиваат процеси на деминерализација и реминерализација. Деминерализацијата, односно разложувањето на кристалите во глеѓта настанува под дејство на киселините кои го напаѓаат забот. Овие киселини ги создаваат бактериите од  денталниот плак.Тие ги користат шеќерите од храната која ја консумираме и ги разложуваат до киселини. Со процесот на деминерализација, глеѓта ослабнува и станува понеотпорна.


Како што се случува разложување на кристалите од глеѓта, така секојдневно се вградуваат и нови кристали односно настанува процес на реминерализација. Битно е да постои рамнотежа меѓу овие два процеси за да не настане нарушување во одбрамбениот механизам на глеѓта.Ако преовладува процесот на разложување на кристали, се создаваат услови за појава на кариес.

За да создаде нови кристали организмот користи претежно калциум, натриум и флуор од храната. Истражувањата покажале дека најцврст облик на кристали се добива при вградување на флуор.




Флуорот е многу реактивен елемент и затоа во природата го среќаваме само во форма на соединенија- флуориди. Флуоридите ги внесуваме во организмот преку  храната и водата. При контакт со забите, флуоридите се вградуваат во глеѓта во форма на флуорапатит и ја зацврстуваат.Со тоа глеѓта станува поотпорна на дејството на киселини.





Во тоа се состои и улогата на флуоридите во превенција од кариес. Истражувањата покажале дека со апликација на флуориди на забите и нивно вградување во глеѓта, значајно се намалува процентот на кариес кај популацијата. Кога флуориди се даваат на деца до 6 години, докажано е дека тие се вградуваат во структурата на забот и ги прават забите поотпорни  на дејство на киселини а со тоа и поотпорни на кариес.

31.3.15

Како да го отстраните непријатниот мирис од устата

Свежиот здив ви дава самодоверба,тој е мерило за лична хигиена и внимавање на себе. Императив за свеж и пријатен здив е редовна посета на стоматолог најмалку 2 пати годишно,со што ќе се одржуваат забите и гингивата здрави и темелно одржување на орална хигиена дома. Меѓутоа до појава на непријатен здив може да дојде и поради некои други причини.

Причина за лош здив може да е и возраста,некои хормонални дисбаланси,патолошки состојби во устата или во организмот  и конзумирањето на одредени видови на храна и пијалоци. Кај старите луѓе,може да се јави непријатен здив и покрај редовно одржување на орална хигиена. Исто можна е појава на лош мирис и кај жените за време на менструалниот циклус или при примање на некоја хормонална терапија. 

Конзумирањето на лук, кромид,протеинска исхрана,алкохол и др,обично доведува до појава на непријатен здив. Лошиот здив може да е резултат на дијабет,бубрежни заболувања,болести на хранопроводот и желудникот и др. Во овие случаи мора да се третира прво основното заболување. Непријатниот здив може да е резултат и на дехидратација на организмот,при високи температури,повраќање,проливи и сл.

Затоа многу е битно организмот да е доволно хидриран. Тоа подразбира пиење на доволни количини вода,1,5 до 2 л дневно. Пиењето на природни,свежо исцедени сокови од лимон и портокал,ја стимулираат секрецијата на плунка и со тоа природно ја чистат устата и забите.

За да се отстрани непријатниот здив помагаат и некои секојдневни корисни навики.

-Пиење на јогурт-Секојдневното конзумирање на јогурт е сојузник во борбата против лошиот здив. Јогуртот содржи големи количини на вит.D кој не им годи на бактериите,па тие нема да се размножуваат.

-Секојдневно пиење на црн чај-како и јогуртот,конзумирањето на црн чај ќе ја спречи појавата и размножувањето на бактерии одговорни за лош здив.
Некои зачини како нане, рузмарин, магдонос,жалфија, еукалиптус ја отстрануваат непријатната миризба. Тие можат да се користат како чаеви за пиење или само за плакнење на устата или пак нивните листови да се жвакаат.

Наместо да купуваме водички за уста,можеме и сами да ги припремиме дома од природни состојки. Ова се некои од состојките кои може да се употребат во домашни услови:

-на база на нане и рузмарин
Листови нане и рузмарин се потопуваат со топла вода и се остааваат потопени 24 часа. После тоа течноста се цеди и се чува во фрижидер.Се употребува за плакнење на уста.

-на база нa мед и цимет
Половина лажичка мед и половина лажичка цимет се преливаат со топла вода и со течноста секојдневно се плакне устата.

-на база на јаболков оцет
2 лажички јаболков оцет се мешаат во чаша вода и се користат за плакнење.

Антибактериско дејство има и употреба на 3% хидроген и сода бикарбона растворена во чаша вода. Со ова убаво би било да се плакне устата 2-3 пати неделно после четкањето на забите.


30.3.15

Како правилно да се исчистат забите и устата

Начинот на кој што се мијат забите има големо значење. Постојат повеќе техники за правилно четкање така да секој би требало  да си има некоја своја техника на четкање,која на крај ке даде задоволителни резултати. Целта на четкањето на забите е да се добијат целосно чисти површини на сите заби,слузокожата на устата и јазикот.

 Правилното четкање би требало да овозможи темелно чистење на забите,а да не ја повреди гингивата. Затоа не треба да се употребуваат хоризонтални движења при четкањето,зошто на тој начин само се набива храната помеѓу забите,а може да се оштети забното месо па дури и самите заби.(се создаваат тн клинести ерозии).За да се зголеми ефектот на чистењето,влакната од четката треба да се постават под агол од 45 степени во однос на забната површина.

Најдобро е да се почне со чистење на надворешната површина на забите од едната вилица, одејќи по ред од едниот до другиот крај на вилицата. Чистењето се врши со кружни движења. Потоа се чистат внатрешните површини(од страна на јазикот),па на крај и џвакалната површина на сите заби.Откако темелно ќе се исчистат забите од едната вилица,истото се повторува и со забите од другата вилица.На крај од четкањето,не смееме да  заборавиме да го исчеткаме и јазикот.Обично за ваквото чистење ни треба 2 до 3 мин.
Идеално би било забите да се мијат после секое јадење.Меѓутоа докажано е дека и чистењето на забите 2 пати дневно,наутро и навечер дава задоволителни резултати.Вистина е дека забниот плак почнува да се таложи на забите многу бргу после четкањето,но за да созрее и во него да се населат бактерии,потребни се 2_3 дена.Така да темелно четкање 2 пати дневно е сосема доволно.
За зал,чистењето на забите само со четка и паста за заби не е доволно за темелно одржување на оралната хигиена.За правилна орална хигиена  треба да се користат и помошни средства,како интердентални четкички,забен конец и водички за уста.
Интерденталните четки се посебно конструирани четки за чистење на просторот помеѓу забите.Нивната употреба е доста едноставна.Тие само се вовлекуваат во просторот помеѓу два соседни заби и потоа едноставно се влечат надвор.При првата употреба на ваквите четки обично се јавува крварење при чистењето поради присуството на плак во овие простори,меѓутоа крварењето постепено се намалува и обично престанува после една недела.

Ако наместо интердентални четки се користи забен конец,потребно е да се знае правилната техника за користење.Од конецот би требало да се откине дел од околу 30-40см.,а краевите да се намотаат околу показалците на двете раце.Помеѓу двата прста треба да остане дел од 2 до 3 см.Тој дел се оптегнува и така внимателно се вметнува помеѓу два соседни заби,внимателно за да не се повреди гингивата. Со конецот не е доволно да се прават само движења напред-назад,бидејќи така  ќе се истургаат единствено поголемите делови од заостаната храна.Потребно е  конецот да се наслони на страничната површина  од едниот заб и со движење нагоре-надолу да се исчисти прво тој заб,а потоа и другиот.Тоа е техника која за кратко време се совладува и преминува во секојдневна рутина.

Водичките за уста се корисно помошно средство.Тие не можат да го заменат четкањето на забите со четка и паста за заби,туку само го надополнуваат .Целта на овие антисептички водички е да делуваат на бактериите кои заостанале после четкањето на тешко достапните места и да го успорат создавањето на нов дентален плак.Најефикасни се оние водички кои во својот состав имаат хлорхексидин.Меѓутоа користење на хлорхексидин се препорачува само кога има присуство на воспалителни процеси  или после некој оперативен зафат во устата.Бидејќи подолготрајната употреба повеќе од 2-3 недели може да доведе до промена бојата на забите и промени во осетот за вкус.Затоа за секојдневна употреба се препорачува послаб антисептик.

Алтернативна замена за водичките за уста би било користење на 3 % хидроген или лажица сода бикарбона растворена  во чаша вода. При плакнење на устата се зема околу половина голтка течност во устата која се мучка околу 30 секунди,а потоа течноста се исплукува.


28.3.15

Помошни средства за одржување на орална хигиена

Покрај четката за заби,како основно средство за одржување на орална хигиена,треба да користиме и помошни средства.Тоа се : паста за заби,интердентални  четки,конец за заби и антисептички водички за уста.

Исто како и четките за заби,на пазарот постои голем избор и на пасти за заби.Основно дејство на пастата е со својата пена при четкањето,механички да ги отстранува остатоците на храна.Пастата за заби содржи абразивни честички,кои овозможуваат мазна површина на забите после четкањето.Исто така е корисно и присуството на флуориди во составот на пастите,бидејки тие делуваат превентивно во одбраната на кариес,Денеска,скоро сите пасти во својот состав ги имаат овие состојки,така да не треба премногу да се оптоваруваме за тоа кој е правилниот избор на паста за заби.Многу побитен е начинот на кој ги четкаме забите.Единствено треба да обрнеме поголемо внимание во изборот на паста,кога е потребно да се третира некое заболување или симптом.Тогаш може да се избере паста која во својот состав има состојки за намалување на осетливост на забите,за смирување на гингивално воспаление и пародонтопатија и др.Тоа се посебни терапевтски пасти и најдобро е да ги препорача стоматолог.

За правилно одржување на орална хигиена,потребно е да користиме и интердентални четки.Тоа се посебно конструирани четки,кои се користат за чистење на просторот помеѓу забите.Влакната на обичните четки не можат да достигнат во овие недостапни делови помеѓу забите.Затоа треба да се користат и овие интердентални четки како дополнение на четката за заби,бидејки со нив детално може да се исчисти овој непристапен дел.

За таа цел може да се користи и забен конец,иако има помал ефект во чистењето од интерденталната четка.Некои забни конци се импрегнирани со восок,за полесно да влегуваат во меѓузабниот простор,меѓутоа подобро е тие  да се избегнуваат ,бидејќи восокот може да заостане помеѓу забите и да биде подлога за размножување на бактерии.



Антисептичките водички за уста треба да се употребуваат само како дополнение за орална хигиена,зошто тие не можат да делуваат на бактериите од забниот плак ако е тој наталожен на забите.Затоа е потребно забите да бидат темелно исчеткани,а водичката дополнително да се користи за да се отстранат некои евентуално заостанати бактерии после четкањето.Водичките за уста имаат и дезодорантно својство и помагаат во отстранувањето на лошиот здив.

27.3.15

Орална хигиена

Здравите и убави заби ви овозможуваат не само да изгледате и да се чувствувате убаво,туку  и правилно да се храните и зборувате.За да се одржат забите здрави,покрај редовната посета на стоматолог на секои 6 месеци,неопходно е да се одржува и правилна орална хигиена.Целта на оралната хигиена е да се отстрани што повеќе од забниот плак и тој да се одржува под контрола.Бидејќи забниот плак е главниот причинител за појава на забен кариес,  гингивит (воспаление на забното месо) и пародонтопатија.За да се одржува хигиената на устата и забите потребно е само малку  добра воља и знаење како правилно да се четкаат забите.Здравата и чиста уста подразбира чисти заби без наслаги,розеникава гингива која не крвари и свежа уста без лош здив.


За да можеме да одржуваме орална хигиена,потребни ни се:четка за заби,паста за заби,интерденталнa четка,забен конец и антисептички течности за плакнење.

Четката за заби е  основно средство за одржување на оралната хигиена.  На пазарот постои голем  избор на четки за заби.Потребно е да ја избереме соодветната со која ке можеме правилно да ги чистиме забите.Не треба да се паѓа на маркетиншки трикови”,па да се купуваат гломазни четки со необичен дизајн и големина,бидејќи таквите четки можат и да ни одмогнат зошто се тешки за маневрирање.Под услов правилно да се користи,најобичната четка со неугледен дизајн,може повеќе да помогне од некои скапи четки.При изборот,треба да внимаваме главата на четката да не е многу голема,за да имаме достапност до сите делови од устата и до сите заби.Влакната од четката треба да се синтетички,зошто природните влакна набубруваат и задржуваат бактерии.На врвот треба да се заоблени.Најдобро е да се одбере мека или средно мека четка(soft),за да не се повреди гингивата и да се оштетат забите при четкањето.

На пазарот постојат и електрични четки со вибрации,дури и современи звучни и ултразвучни четки кои вибрираат со висока фреквенција и ги разбиваат наслагите.Меѓутоа истражувањата покажале дека таквите четки немаат некој поголем ефект од обичните четки,под услов овие правилно да се користат.Таквите електрични четки може да се корисни кај лица кои имаат потешкотии и не се вешти во четкањето.
Забната четка треба да се менува на секои 3 месеци или и порано ако забележиме дека влакната го изгубиле обликот или се оштетени.