Showing posts with label пародонтологија. Show all posts
Showing posts with label пародонтологија. Show all posts

5.5.15

Пародонтален апсцес


Пародонтопатијата е долготрајна болест која минува без болки. Болките се јавуваат само во случај ако  дојде до компликации. Најчеста компликација при пародонтопатијата е појава на пародонтален апсцес.

При пародонтален апсцес доаѓа до насобирање на гнојна колекција во пародонтот, веднаш до самиот заб. Насобирањето на гној настанува ако од било кои причини тој не може да се издренира во усната празнина. Најчесто тоа е заради оток на гингивата или насобирање на субгингивални конкременти.

Пародонталните апсцеси можат да бидат акутни и хронични.

Акутниот апсцес е проследен со силна болка. На местото на апсцесот се забележува оток и црвенило. Болката се зголемува на притисок. Во почетокот отокот е тврд, а за неколку дена омекнува. Заради отокот, забот е разлабавен и боли на потчукнување. Често болката зрачи длабоко во вилицата и е од пулсирачки тип. Обично се зголемени и болни лимфните жлезди под долната вилица, а ретко е покачена и телесната температура.



Доколку не се превземе соодветно лекување, гнојот ќе продре низ коската и гингивата и ќе образува отвор (фистула) низ кој ќе истекува. Тогаш акутниот апсцес преминува во хроничен. 

Хроничниот апсцес има поблаги симптоми. Болката е намалена, неодредена,а пациентите имаат желба  да гризат и стискаат на тој заб. Ако фистулата се затвори, процесот ќе се обнови и повторно ќе се формира акутен апсцес.

Колку и да звучи лошо, појавата на апсцес е добар знак, бидејќи зборува за добра одбрамбеност на организмот, кој успеал да го ограничи воспалението на едно место и не дозволил да се прошири во околните ткива како што е случај кај флегмоната.

Лекувањето на пародонталниот апсцес се состои во елиминирање и дренажа на гнојната колекција. Со тоа акутниот процес се смирува. Лекувањето на издренираниот акутен апсцес, како и на хроничниот главно се состои во отстранување на пародонталниот џеб.

30.4.15

Што е тоа пародонтален џеб


Пародонталните џебови се јавуваат исклучиво во тек на пародонтопатија и се нејзиниот најважен знак.

Под пародонтален џеб подразбираме простор кој се јавува помеѓу гингивата и коренот на забот а настанува како резултат на разорувањето на потпорните ткива на забот при пародонтопатија.


Под дејство на бактериите од денталниот плак, настанува воспаление кое прво ја зафаќа гингивата. Се јавува оток, црвенило и крварење. Ако тоа воспаление не се лекува, ќе се прошири и во подлабоките структури. Под дејство на бактериските токсини се разоруваат колагенските влакна кои го припојуваат забот за коската и се создава еден подлабок простор- пародонтален џеб

Надворешниот ѕид на џебот го прави гингивата, а внатрешниот ѕид е цементот на коренот на забот. Тој простор е исполнет со остатоци од храна, бактерии и некротично ткиво. Под дејство на бактериите, пародонталниот џеб се повеќе се продлабочува.


Откако ќе се формира џебот, настануваат и субгингивални конкременти. Тоа се цврсти наслаги со темна боја кои се наталожени на коренот од забот. Настануваат со минерализација на денталниот плак. Тие се со потемна боја од забниот камен заради присуството на железо во нивниот состав, кое потекнува од крвта. Исклучително се цврсти и тешки за отстранување бидејќи навлегуваат во нерамнините од цементот на коренот.

Пародонталниот џеб се препознава по тоа што непцето е црвено, отечено и крвари на допир. Пациентите имаат чувство на страно тело и како забот да е повисок од другите. Ако на местото се впери млаз од воздух, гингивата се одвојува од подлогата бидејќи припојот е разорен . При притисок со врвот од прстот, од пародонталниот џеб се истиснува гној.
Во натамошниот тек на болеста, на местото од пародонталниот џеб доаѓа до разнишување на забот.


Присуството на пародонтален џеб може да се открие со помош на стоматолошка сонда или со рентгенографија.



Сондирањето е најсигурниот начин за откривање на џебот. Кај здравите заби, сондата може да пројде само од еден до два милиметри. Кај заболените од пародонтопатија, сондата оди многу повеќе, дури до 10 мм кај одделни заби.


Рентгенографијата е само помошно средство за откривање на пародонтопатија.

28.4.15

Симптоми и знаци на пародонтопатија


Пародонтопатијата е заболување кое го зафаќа потпорниот апарат на забите. Ако не се лекува, болеста напредува и доведува до потполно уништување на потпорните ткива, што резултира со губење на забите.

Затоа е многу важно навремено да се препознаат симптомите на пародонтопатија, како би можело што побрзо да се започне со лекување на болеста.



Болеста започнува незабележително со благо крварење од гингивата. Крварењето се јавува при четкање на забите или при јадење на цврста храна. Непцата се благо зацрвенети и малку отечени.
 Како што напредува болеста, крварењето станува се поинтензивно, дури и при најмала дразба, а отокот на гингивата е поназначен па пациентите имаат чувство на страно тело помеѓу забите.



Со напреднување на болеста, кај одделни заби гингивата започнува да се повлекува и доаѓа до соголување на забите. Забите изгледаат како да пораснале во должина.



 Заради одвојување на непцето од забот, се јавува еден празен простор кој се вика пародонтален џеб. Доколку со врвот од прстот се притисне на гингивата на местото каде што  има пародонтален џеб, од него може да се истисне гној.



Со тек на време се забележува дека забите малку се разнишале, а подоцна и значително се клатат.
Некои заби се изместуваат од својата положба, се накривуваат или извртуваат, па се јавуваат простори помеѓу забите.

Во крајната фаза, кога потпорниот апарат е тотално уништен, забите започнуваат сами да паѓаат од виличните коски.



Битно е да се знае дека во тек на пародонтопатијата нема болка.(освен ако не се јават компликации)

Затоа е од голема важност да се обрати внимание на раните знацина болеста и секој кој што ќе ги забележи, да посети стоматолог заради навремено лекување.

22.4.15

Хиперпластичен и улцеронекротичен гингивит


Најчест вид на гингивит е површинскиот ( катарален ) гингивит. Меѓутоа, доста често, во одредени случаи, среќаваме и хиперпластичен и улцеронекротичен гингивитис.

Хиперпластичниот гингивит се карактеризира со зголемување на гингивите.Тоа зголемување може да биде ограничено на само еден заб или група на заби , а во потешките случаи може да се зафатени сите заби. Зголемувањето на гингивата е во пределот помеѓу два соседни заба, често во вид на зацрвенети топчиња кои стрчат кон устата или кон јазикот.  Некаде се препокриени целите заби.

Овој вид на гингивит најчесто се среќава кај децата и младите. Причина е неправилно одржување на орална хигиена, а може да е и заради постоење на неправилности во положбата и обликот на забите.

Кај возрасните се јавува во случај на ендокрини промени, на пр. кај жените во тек на пубертет, менструација, бременост. Може да се јави и при терапија со некои лекови, или пак ако има генетска предиспозиција.

Лекувањето треба да се спроведе веднаш, и тоа со отстранување на цврстите и меки наслаги на забите, пескарење, полирање и употреба на антисептички средства. Се пломбираат кариозните заби и се заменуваат дотраените стари пломби и протетски помагала.

Доколку гингивата и натаму остане отечена и зголемена, вишокот треба да се отстрани со гингивопластика. Тоа е лесен зафат при кој по хируршки пат се отстранува вишокот на гингива. Денеска најчесто гингивопластиката се изведува со помош на ласер.

Улцеро некротичен гингивит – гингивит со ранички и распаѓање.

Овој вид на гингивит го предизвикуваат анаеробни микроорганизми. Се јавува кај пациенти  кои имаат намален имунитет заради некое потешко органско заболување  пр.  леукемија, продолжени фебрилни состојби, морбили, мононуклеоза, AIDS и др.

 Заболувањето започнува со општи промени како малаксаност, покачена температура. Во устата се јавува зацрвенување на слузокожата пропратено со јаки болки, печење и жарење на непцата. За 2-3 дена се јавуваат ранички на гингивата. Тие ранички силно крварат на допир. Од устата на болниот се шири непријатен здив.

 Со оглед на силните болки, пациентот одбегнува четкање на забите, што уште повеќе ја влошува состојбата.
 Многу често се зголемени и подвиличните лимфни жлезди , а понекогаш има и покачена температура.

Лечењето треба да се одвива под лекарска контрола. Неопходно е да се прима и антибиотска терапија. Битно е и што поскоро да се воспостави добра орална хигиена. Покрај тоа потребно е да се лекува и основното заболување кое довело до појава на гингивитот. Во тек на болеста, пациентот треба да прима помека, кашеста храна  богата со витамини.

По завршувањето на терапијата неопходно е да се изврши ревизија на старите пломби и стоматопротетички конструкции и да се продолжи со добра хигиена на устата и забите како не би се повториле симптомите.

21.4.15

Гингивитис


Сте приметиле крварење од  непцата при  четкање на забите? Гингивата е малку отечена и зацрвенета и имате непријатен мирис од устата? Се работи за површински гингивит и време е да закажете преглед кај вашиот стоматолог.

Гингивитот е бактериска инфекција на гингивата околу забниот врат. Причинители се бактериите од забниот плак. Во почетната фаза има отсуство на болка, па пациентот не обраќа посебно внимание на промените.



 Единствено може да се јави благо крварење од непцата при рутинско четкање на забите или при јадење на чврста храна. Нормалната гингива е бледорозеникава по боја и е цврсто припиена за подлогата. При гингивит, непцата се отечени и добиваат црвена боја, а нивната површина е сјајна и мазна. Присутен е непријатен мирис од устата.



Од голема важност е навремено да се третира гингивитот, бидејќи тој е почетната фаза од пародонтопатија. Ако се занемари гингивитот, површинското воспаление може да се прошири во подлабоките слоеви на забните ткива што ќе доведе до оштетување на потпорниот апарат на забите и своевремено до нивно губење како резултат на пародонтопатија. Добрата вест е дека промените кои настануваат при гингивит се реверзибилни и ако навреме се лечи, гингивитот може целосно да се излечи.

Основа на лекувањето е да се отстранат сите меки и цврсти наслојки на забите кои содржат бактерии. Отстранувањето на наслагите ги врши стоматолог  со помош на ултразвучен апарат, со пескарење и полирање на забите.
 Исто така е неопходно да се пломбираат кариозните заби, да се заменат дотраените пломби и протетски помагала како причинители за насобирање на дентален плак и забен камен.

После посетата на стоматолог, од голема важност е одржување на редовна орална хигиена.



Темелно четкање на забите 2 пати дневно, употреба на забен конец , користење на водички за уста и редовни прегледи ќе овозможат целосно заздравување на гингивите.

16.4.15

Причини за појава на пародонтопатии


Причините за појавување на пародонтопатија  долго време биле непознати.

 Денес се знае дека  воспалението на гингивата и заболувањето на пародонтот го предизвикуваат бактериите од  денталниот плак.

Покрај денталниот плак , за појавување на пародонтопатијата индиректно влијаат и други фактори кои можат да се поделат на локални и општи.

Локалните фактори го олеснуваат или забрзуваат создавањето и напластувањето на дентален плак. Тоа се :

- Забен камен-  Во настанување на пародонтопатијата има двојна улога : директна и индиректна. Директната улога е во тоа што со својата рапава површина претставува ретенционо место за насобирање на дентален плак, а индиректната улога е во тоа што механички ја потиснува гингивата и ја нарушува циркулацијата на крвта.

- Анатомски аномалии- Неправилностите во обликот и положбата на забите (навалени, збиени заби, отворен загриз и др.) ја оневозможуваат правилната орална хигиена и овозможуваат насобирање на дентален плак.

- Забивање храна во гингивата околу забот ( импакција на храна ) - Втиснувањето на храна во гингивата настанува во тек на џвакањето. Импактираната храна е подлога за размножување на бактерии и исто така и механички ја  потиснува гингивата. Импакцијата на храна настанува кога во устата има кариозни заби, несоодветни пломби и протетски помагала, недостаток на заби во забниот низ, миграција на забите и др.

- Лоши навики- Џвакање само од една страна, користење претежно мека храна, дишење на уста, бруксизам и др., помагаат во напластување на забен плак и со тоа настанување на пародонтопатија.

- Стоматолошки ( јатрогени ) грешки – Лошо изработени коронки, мостови или пломби исто можат да делуваат за настанок на пародонтопатија со тоа што го оневозможуваат самочистењето, предизвикуваат акумулација на плак, механички вршат притисок на гингивата или  преку хемиските состојки кои ги содржат.

Покрај овие локални фактори кои влијаат директно во устата, од големо значење е и состојбата на целиот организам и неговата отпорност. Доколку постои некое системско заболување или нарушување на  општата состојба на организмот, поголема е веројатноста да се појави и побргу да напредува пародонтопатијата. Тоа се општи фактори за појава на болеста. Тука спаѓаат :


- Крвни заболувања – Крвните заболувања како акутни леукози, агранулоцитоза, хеморагиски синдром се пропратени со тешки промени во потпорните ткива на забите. Во овие случаи е намален бројот на бели крвни зрнца, па пародонтот е без заштита од бактериите во денталниот плак.

- Дијабетес- Лицата заболени од дијабет имаат помала отпорност кон инфекции вклучувајки и настанување на пародонтопатија.

- Останати општи заболувања – како рак и AIDS , како и лековите кои се користат за нивна терапија, негативно влијаат на здравјето на гингивата и пародонтот.

- Хормонални промени кај жените – Кај жените во тек на менструален циклус и при бременост  почесто се забележува крварење од забното месо и појава на гингивит.

- Пушење-  Пушењето ја намалува циркулацијата на крв во гингивата, ја намалува отпорноста кон инфекции и го успорува зараснувањето на рани.

- Употреба на некои лекови- Користење на некои лекови  како лекови за регулација на крвен притисок, антидепресиви и др. , го намалуваат излачувањето на плунка а со тоа отсуствува самочистењето и се зголемува осетливоста кон инфекции.

- Наследност- Некои луѓе немаат ни еден од претходните фактори, меѓутоа се генетски предиспонирани за појава на пародонтопатија.

За појава на пародонтопатија може да влијае и неправилната исхрана, стареењето, меѓутоа сите се овие фактори кои само индиректно делуваат како причинители. Основен фактор е лошата хигиена на устата и забите и насобирање на дентален плак.

Од сево ова се заклучува дека пародентопатиите настануваат како резултат на дејството на бактериите од денталниот плак во услови на намалена одбрамбеност ( имунитет ) на организмот.



15.4.15

Значење на пародонтопатиите


Пародонтопатијата е заболување на потпорниот апарат на забите. Во почетната фаза зафатена е само гингивата и тогаш станува збор за гингивит. Доколку гингивитот навремено се лекува, може потполно да се излечи.

 Меѓутоа нелекуваниот гингивит прогредира во потешки форми на пародонтопатија, кога  се оштетува гингивата и се губи коската околу забот што резултира со расклатување и губење на забите.

Пародонтопатиите, заедно со кариесот, се најраспространети заболувања кај луѓето.

Испитувањата покажале дека повеќе од  90% од возрасните, и околу 50% од децата имаат некаков облик на пародонтопатија.

Болеста најчесто се јавува после 25-тата  година од животот. Значајно е дека болеста се јавува незабележливо и постепено,  без болни симптоми и пациентот воопшто и не е свесен дека ја има.



Значењето на пародонтопатиите не е само затоа што се толку распространети, туку и заради тешките последици од нив. Тие неминовно водат до разорување на коскеното ткиво и на крај доаѓа до губење на забите. Испитувањата покажале дека до 45-тата година од животот, забите најчесто се вадат поради кариес, а после 45-тата , повеќето заби се губат како последица на пародонтопатија.

Утврдено е дека пародонтопатијата е причина што кај повеќе од 50% од луѓето над 65 години има појава на тотална беззабост, односно нема ни еден заб во устата.

Луѓето кои изгубиле поголем број заби, имаат проблеми со правилната исхрана, што влијае на општата здравствена состојба.

За лекување на заболувањето и надокнадување на изгубените заби, потребни се повеќе стручни лица и издвојување на поголеми материјални средства.

Исто така битен е и естетскиот момент.




Од сево ова произлегува дека пародонтопатиите имаат големо медицинско, социјално и економско значење, и е неопходно да се обрати поголемо внимание за нивно спречување и лекување.

6.4.15

Пескарење и полирање на забите


Професионално чистење на забите треба да се прави на секои 6 месеци. Покрај отстранувањето на забен камен со помош на ултразвучен апарат, професионалното чистење опфаќа и пескарење и полирање на забите.

Отстранувањето на меки наслаги и пигментации на забите се врши со помош на Air- flow систем,а таа постапка се вика пескарење на забите.



Со системот за пескарење на забите се отстрануваат различни пигментации од кафе, вино, цигари од  местата кои не можат да се исчистат со помош на ултразвук. Овој метод се користи и како профилакса кај пациентите кои носат фиксни протези.

Постапката се изведува со помош на специјален апарат, кој под силен притисок испушта прав помешан  со млаз вода на површината од забите.Правот се состои од ситни честички на калциум карбонат или  натриум хидрогенкарбонат  достапен во неколку различни вкусови. 


 Како резултат на таквото дејство, брзо и ефикасно се отстрануваат меките наслаги и пигментациите на забите.

Третманот трае  15-20 мин. и е потполно безболен и нештетен. После третманот забите се почисти, посјајни и здивот е посвеж . Пескарењето на заби се прави и како припрема при белење на забите.

Полирањето на забите се врши машински со помош на соодветни ротирачки четки и гумички и абразивна,ароматизирана паста. 





Оваа постапка може да се користи самостојно за отстранување на меките наслаги или во склоп на професионалното чистење на забите. Целта е да се добијат чисти и мазни површини со што ќе се одложи повторното наталожување на забен камен.





Се препорачува пескарење и полирање на заби да се прави на секои 6 месеци, меѓутоа по желба на пациентот може да се направи и на 2 до 3 месеци. Овие постапки се потполно безболни и нештетни и можат да се применуваат и кај децата.





Пескарењето и полирање на забите не може да се смета за третман на избелување на забите, но после овие постапки забите секако изгледаат почисти, посјајни и побели.

3.4.15

Отстранување на забен камен


Без разлика колку и да ги чистиме забите дома, секогаш постојат тешко достапни места на кои ќе се наталожи дентален плак, забен камен и ке се создадат услови за развој на кариес. Заради тоа се препорачува редовно професионално чистење кај стоматолог на секои 6 месеци.


Професионалното чистење на забите опфаќа:

-отстранување на забниот камен

-отстранување на меки наслаги и пигментации

-полирање на забите

-во посебни случаи по потреба се врши и премачкување со флуор и залевање на фисури кај децата и чистење на забните помагала т.е  денталните протези кај возрасните.

Отстранувањето на забниот камен може да се врши рачно и машински со помош на ултразвуk. Рачното отстранување на забен камен е сосема застарена техника и денес не се применува.


Машинското отстранување е со помош на ултразвучен апарат. Вибрациите на ултразвучниот продолжеток го разбиваат забниот камен, без притоа да го оштетат забот.Тоа е потполно неинвазивна и безболна техника.Единствено кај некои пациенти може да се јави осетливост кога се работи во пределот на забниот врат.



Кај пациенти кои редовно одржуваат орална хигиена,отстранувањето на забен камен оди доста брзо и безболно.Само во случаи кога има понапреднати знаци на пародонтална болест, потребно е да се направи план на терапија и да се употребат и дополнителни методи за чистење на пародонталните џебови.

Во никој случај немојте да пробувате сами да го отстранувате забниот камен дома, бидејќи така  може да настанат трајни оштетувања на забите.




После отстранувањето на забниот камен кај стоматологот, не можеме со сигурност да кажеме после колку време тој пак ќе се наталожи. Кај некои пациенти повторно се јавува и после месец дена, додека кај други може да не се јави ни цела година и повеќе.

2.4.15

Забен камен и зошто е тој штетен


Постои разлика помеѓу дентален плак и забен камен. Денталниот плак е мека наслага и може да се отстрани со четкање на забите со четка и паста за заби. Забниот камен е цврста наслага и не може да се отстрани со четкање.

Доколку не се четкаат забите редовно, во заостанатиот дентален плак после неколку дена започнуваат да се таложат минерали кои потекнуваат од плунката. Така започнува да се формира забниот камен.


Забниот камен не се создава кај сите подеднакво.Брзината на таложење е индивидуална и зависи од повеќе фактори:

- возраста- забниот камен често се јавува кај возрасните,додека кај децата е многу редок

-киселоста на плунката- колку плунката е покисела, толку побрзо се создава забен камен

- состав на плунката- доколку плунката содржи повеќе минерали, забниот камен побргу ќе се создава

-степен на орална хигиена- колку е полоша хигиената на устата и забите, толку е поголем бројот на бактерии, поголема е киселоста и има  повеќе услови за наталожување на забен камен

-исхрана- леплива храна полна со шеќери  тешко се чисти, привлекува бактерии и ја зголемува киселоста во устата

- пушење- студиите покажале дека пушачите имаат поголема шанса за наталожување на забен камен на забите

По боја,забниот камен обично е жолтеникав, но може да поприми и потемна боја зависно од храната која се консумира или ако сте пушач.

Забниот камен се таложи на забните коронки во близина на гингивата.Најмногу се таложи на јазичната страна од долните секачи и на надворешната страна на горните молари бидејќи тука се наоѓаат изводните канали на плунковите жлезди.

Исто така забниот камен се таложи и ви просторот помеѓу гингивата и забот, т.н забен сулкус.Таквите цврсти наслаги можат да се видат само кога гингивата ќе се помести или ќе се повлече во правец на коренот на забот.

Зошто забниот камен е штетен ?

Забниот камен, директно или индиректно, има улога во настанувањето на забен кариес, гингивит и пародонтопатија.

Бидејќи е наслага која цврсто е поврзана за забот, пред се ја оневозможува добрата хигиена.Неговата површина е рапава, па на него се задржува повеќе дентален плак.Присуството на бактерии, кои создаваат киселини,  ја разјадуваат глеѓта и доведуват допојава на кариес на забите.На гингивата предизвикува оштетување и појава на воспалителен процес( гингивит)



Забниот камен кој се таложи под гингивата,со своето присуство механички  врши притисок на гингивата и го нарушува крвотокот.Заедно со присуството на бактерии,доведува до оштетување на потпорните ткива на забите што води кон пародонтопатија која резултира со разнишување и испаѓање на забите.




Исто така, истражувањата покажуваат дека бактериите во устата преку крвотокот предизвикуваат срцеви и други заболувања во организмот.


1.4.15

Што е дентален плак?

Често го споменуваме денталниот плак како главен виновник за кариес и воспаление на гингивите. Што е всушност дентален плак?

Дентален плак е прозирна, безбојна, мека наслојка полна со бактерии која се таложи на сите површини во устата. Тоа значи дека се наталожува на забите, на забниот камен, на пломбите, на вештачките заби и на гингивите. Кога јадеме, бактериите од плакот ги користат шеќерите од храната за да произведат киселини. Токму тие киселини се одговорни за разјадување на глеѓта и појава на кариес и воспалителни процеси.

Денталниот плак започнува да се создава од самата плунка веднаш после четкањето на забите, како  една тенка наслојка. Таа наслојка е цврсто поврзана за површината и не може да се отстрани само со плакнење на устата, туку се отстранува со четкање на забите со паста и четка за заби.Наскоро во таа наслојка започнуваат да се населуваат бактерии.За да созрее денталниот плак потребни се 2-3 дена. Заради тоа, иако се создава непрестајно, доволно е четкање на забите 2 пати дневно за да се отстрани плакот и да се спречи неговото созревање.

Ако забите не се четкаат, во плакот се наталожуваат се повеќе бактерии,наслагите стануваат видливи и доведуваат до воспалување на гингивата. 

После 2 седмици, во денталниот плак се таложат и минерали кои потекнуваат од плунката и се создава забен камен.Забниот камен веќе е цврста наслојка и тој не може са се отстрани со четкање на забите.Потребно е да се посети стоматолог кој ќе го отстрани забниот камен со помош на ултразвучен апарат.

Фактори кои помагаат за побрзо создавање на дентален плак се:

-недоволна хигиена на устата и забите- колку што е полоша оралната хигиена, толку ќе има повеќе дентален плак

-намалено лачење на плунка- доколку количината на плунка во устата е помало,тогаш изостанува природното прочистување на устата и доаѓа до побрзо таложење на дентален плак.

-конзумирање на мека храна богата со шеќери- меката храна лесно се прилепува во устата.За здрави заби се препорачува цврста и сирова храна која природно ги чисти забите.

- неправилна положба на забите- во случај на збиени и неправилно поставени заби, чистењето е отежнато и тука побрзо се наталожува дентален плак.

-лоши навики- џвакањето само од една страна на устата овозможува брзо наталожување на плак од  другата неактивна страна. Исто и дишењето на уста го забрзува таложењето на дентален плак, бидејќи со тоа се суши устата и се оневозможува заштитното дејство на плунката.

-лоши стоматолошки изработки- лошо изработените пломби, коронки, мостови и протези го олеснуваат наталожувањето и насобирањето на забен плак.

Бидејќи е главен виновник за кариес и гингивални заболувања,отстранувањето на денталниот плак е приоритет.Оттука е и значењето на темелна и редовна орална хигиена.