Афти се мали ранички кои се јавуваат на слузокожата од усната празнина. Овие ранички се многу болни, а болката дополнително се зголемува при џвакање , зборување или поместување на образите. Се појавуваат изненадно и тоа најпрво на местото се јавува непријатно чувство, жарење, пецкање, црвенило, болка и оток. Најчесто се јавуваат на врвот или на страните од јазикот, како и на внатрешната страна од образите и усните.
Процесот просечно трае од 3 до 14 дена.
Афтите се доста чести. Се проценува дека 60 % од луѓето имаат афти барем еднаш годишно. Најмногу проблеми со афти имаат младите на возраст помеѓу 20-40 години, а преку 85% се јавуваат кај жените.
Причината за појава на афти не е позната.
Искуството зборува дека афти се јавуваат при : опаѓање на имунитетот, генетска предиспозиција, недостаток на витамини или минерали, преосетливост на некоја храна, при повреда на слузокожата на устата од гризење или иритација од некоја стоматолошка изработка ( протеза, пломба ..), при покачена телесна температура, заради стрес, психичка напнатост, бактериски или вирусни инфекции, анемија, умор, при менструален циклус, настинка, грип, лоша исхрана, исцрпеност.
Покрај тоа афтите може да се појават и при некои кожни болести, болести на сврзното ткиво, кардиоваскуларни заболувања или како последица на леукемија, хемотерапија или зрачење.
Раничките во устата траат од 7 до 14 дена и обично самите се повлекуваат.
За превенција се препорачува подигнување на општиот имунитет, јадење храна богата со витамини и минерали, доволно спиење и редовно вежбање.
За терапија на афтите се користат препарати кои содржат анестетици кои ќе ја намалат болката и средства за дезинфекција на раничките.
Се препорачува плакнење на устата со 3% хидроген пероксид за дезинфекција или со раствор на солена вода ( ¼ лажичка кујнска сол растворена во 200 мл вода )
Кога ќе се појават афти:
-избегнувајте џвакање на цврста храна како чипс, корка од леб, пржена риба и сл. Таквата храна може дополнително да ја надразни афтата и да ја зголеми болката.
-Забите четкајте ги внимателно со четка за заби со меки влакна.
-избегнувајте кисели и жестоки пијалоци, кисели и јаки зачини и жешка храна и течности.
Афтите после 1 до 2 седмици поминуваат сами од себе.
Лекарска помош треба да се побара само во случај ако се јават невообичаено големи афти, ако траат повеќе од 3 недели, ако болката е многу голема и не се смирува и во случај да има и други општи симптоми како покачена температура, кашлица, дијареа.
No comments:
Post a Comment