26.5.15

Лекување на циркуларниот кариес кај децата


Неизлечените кариозни или прерано извадени млечни заби ја реметат нормалната функција на џвакање, правилната фонација, естетиката  и доведуваат до појава на разни ортодонтски аномалии. Поради тоа лечењето на кариесот кај млечните заби е од суштинско значење.

Лечењето на циркуларниот кариес кај млечните заби зависи од моментот кога родителот го довел детето на стоматолог, до која фаза прогредирал кариесот, од психолошкиот тип на детето, неговата здравствена состојба и од спремноста на родителите да  соработуваат. 

Успехот на лечење секако е поголем доколку детето дојде на стоматолог во почетната фаза на заболувањето.

Доколку детето дојде во стоматолошката ординација со болка и оток, треба веднаш да му се пружи помош, а санирањето на кариесот да се одложи за понатака.

Пожелно е лечењето да не се презема при првата посета на детето кај стоматологот ако не е неопходно. При првата посета, треба на детето да му се овозможи да се запознае со стоматологот, амбиентот во ординацијата, да седне на столицата и да ги види инструментите а сето тоа да е пропратено со разговор.


Дури во некоја од наредните посети, кога детето е спремно, треба да се санира кариозниот процес. Пломбирањето на млечните заби не се разликува многу од пломбирање на трајни заби, само што се употребуваат материјали прилагодени на детската возраст.

При посетата на стоматолог, неопходно е родителот да се убеди да го смени режимот на исхрана и лошите навики кај неговото дете.

Во засладените пијалоци кои ги пие детето треба  да се додава се повеќе вода со цел постепено да се разблажуваат се додека не се премине на чиста вода.
Кога доенчето покрај мајчиното млеко ќе почне да се прихранува, исхраната мора да е разноврсна и да ги содржи сите неопходни витамини, минерали, протеини, масти и јаглени хидрати.
Покасно, треба да се инсистира на конзумирање поцврста храна, како што се свежо овошје и зеленчук.

Не треба да се дозволи детето да заспива со цуцла или преку ден долго и често да пие засладени пијалоци.
Детето постепено треба да се одвикнува од цуцлата кога ќе наполни 12 месеци.

Од голема помош е и употребата на флуор препaрати, како за премачкување, така и за орална примена.


Од посебно значење е одржувањето на редовна и правилна орална хигиена. Додека детето не започне само да ги мие запчињата, за тоа мора да се погрижат родителите. Во продажба се голем број на средства за одржување на орална хигиена кои се наменети за детска возраст. 



Детето треба да користи мали четки за заби и пасти кои содржат флуориди. Додека детето само не ја совлада техниката на четкање на заби, треба да му се помага и од тој ритуал да се направи интересна игра. Наскоро четкањето на заби ќе стане негова навика и тешко дека детето ќе замине во кревет без исчеткани запчиња.

19.5.15

Циркуларен кариес

Циркуларен кариес  е специфичен вид на кариес кој најчесто се јавува на млечните заби кај доенчињатaаи малите деца. Името го добил поради тоа што овој кариес се шири кружно околу вратот на забите, зафаќајќи ја целата коронка. Уште се означува и како “baby bottle caries” бидејќи исхраната преку цуцла има одлучувачка улога за настанување на овој вид на кариес. 

Карактеристично за исхраната во овој период од детството се честите дневни и ноќни оброци кои претежно се состојат од течна, засладена и кашаста храна. Посебно е лоша навиката детето да заспива додека се храни преку шише со цуцла или да ја држи цуцлата во уста додека спие.

Млечните заби се покриени со потенок слој на глеѓ кој при тоа е и послабо минерализиран, а дентинот е со пошироки дентални каналчиња и има послаба регенераторна моќ. Сето тоа допринесува кариесот побрзо да се шири и почесто да се јават компликации од кариес кај млечните заби.

Циркуларниот кариес најчесто се јавува на горните предни запчиња. Овие запчиња први изникнуваат и се најдолго изложени на разните засладени напитоци кои им се даваат на децата. Кај долните предни заби овој кариес поретко се јавува затоа што при цицањето од цуцлата , долните заби се покриени со јазикот.

Најголем ризик за настанување на циркуларен кариес има ако:

- детето често и долго заспива со шише со цуцла кое содржи вештачко или право млеко, сок или засладен чај

-ако спие со цуцла во устата која претходно е натопена во мед или некој густи сок.

Во овие случаи храната се задржува на предните заби и присутните шеќери под  дејство на бактериите кои ги има во устата се разложуваат до киселини. Киселините ја напаѓаат глеѓта, ја разјадуваат и започнува кариозниот процес.

Во почетокот се забележува само промена на бојата на делови од глеѓта, но за брзо време на тие места се јавуваат вдлабнувања кои се шират кружно околу целата коронка на запчето.За кратко време кариесот напредува кон пулпата на запчето и тогаш се јавуваат болки и оток.Во наредната фаза се разјадува кружно целото запче и доаѓа до негово кршење.

Напредувањето на циркуларниот кариес обично е многу брзо. Во рок од неколку недели од појавата на флеките на глеѓта, доаѓа до разорување на целото запче.

Покрај исхраната со засладена храна преку цуцла, причина за појава на циркуларен кариес  е и намалената заштитна функција на плунката кај малите деца. Малите деца обично не ја затвораат целосно устата при спиење, па предните запчиња брзо се сушат. Тие подолго време спијат, а при спиење плунката послабо се лачи во устата. Покрај тоа, плунката кај бебињата има на половина помалку одбрамбени антитела отколку во покасниот период.


Спрема тоа, циркуларниот кариес е резултат на недоволна грижа за првите млечни запчиња и преоптеретување со шеќери без да се воспостави правилна орална хигиена во овој период.

15.5.15

Чистење на јазикот


Чистењето на јазикот е древна метода која денес станува се повеќе популарна заради тоа што ефикасно го отстранува непријатниот здив.

Додека спиеме, телото ги исфрла токсините, а јазикот е еден од органите преку кој организмот ги исфрла токсините од дигестивниот систем. 
 Дел од тие токсини се забележуваат како бела наслага на јазикот. Во таа наслага живеат милиони бактерии кои негативно влијаат не само на здравјето на забите и устата, туку и на општата здравствена состојба. Тие можат да предизвикаат низа заболувања како кардиоваскуларни проблеми, пневмонија, инфекции на носот и грлото... Затоа со редовно чистење на јазикот, се елиминираат наслагите и се одржува добрата здравствена состојба на забите и устата, како и на целиот организам.

Во специјализираните продавници за здрава исхрана или во подобро снабдените аптеки може да се најдат соодветни чистачи за јазик.


 Тие обично се метални или пластични и се анатомски прилагодени за чистење на овој орган. Со овие чистачи за јазик , 10 пати поефикасно се елиминираат бактериите отколку со четка за заби.

Во случај да не можете да најдете специјализиран чистач за јазик, може да се употреби и четката за заби или обично метално лажиче.

Техниката на чистење на јазикот е доста едноставна.

Исплазете го јазикот и со чистачот или со лажичето стружете ја површината на јазикот со движења од коренот према врвот на јазикот. Движењата се повторуваат  4-5 пати, се додека се исчистат наслагите. После секое движење, чистачот се промива со топла вода. На крај, се препорачува јазикот да се исчетка и со паста за заби па да се промие со вода.

Јазикот е најдобро да се чисти наутро, на празен желудник. Ефектите од чистењето се  чувствуваат доколку редовно се практикува оваа постапка.

Редовното чистење на јазикот ги отстранува белите наслаги, го елиминира лошиот здив,го подобрува осетот за вкус и го чува здравјето на забите, устата и целото тело.


Унапредете ги хигиенските навики и започнете секојдневно да го чистите и јазикот.

14.5.15

Забен кариес


Забен кариес е оштетување на цврстите забни ткива кое настанува кога бактериите во устата произведуваат киселини кои го разјадуваат забот. Дефектите кои што настануваат под  дејство на киселините не можат да се регенерираат по природен пат. Ако не се санира, кариесот ќе предизвика болка, инфекција и губење на забот.

Кариесот е едно од најраспространетите заболувања на сите континенти. Ги напаѓа двата пола, сите возрасти,  се јавува кај сите раси а посебно е потенциран кај цивилизираните луѓе.

Причинители на забниот кариес се бактериите и храната што ја јадеме. На непцата и на забите постојано се лепи прозирна наслага наречена дентален плак. Таа наслага е претежно составена од бактерии. Кога јадеме, бактериите се хранат со шеќерот кој го внесуваме и произведуваат киселини. Тие киселини ги напаѓаат забите и со тек на време предизвикуваат распаѓање на глеѓта и појава на кариес.


Шансите за настанување на кариес се поголеми доколку:

не се одржува редовна орална хигиена
- не се посетува стоматолог на секои 6 месеци заради редовна контрола
- ако се јаде претежно храна богата со шеќери и скроб кои ги хранат бактериите во устата
- ако не се примаат доволно флуориди. Флуоридите помагаат да се зацврсни глеѓта и да е поотпорна на дејството на киселините
-ако нема доволно плунка во устата. Плунката ги промива забите и со тоа ги заштитува од кариес. Намалена количина на плунка може да се јави при употреба на некои лекови, ако се дише преку уста, при некои општи заболувања како ксеростомија, Сјогренов синдром и др.

Симптоми на кариес

Обично кариесот не е пратен со некои посебни симптоми се додека не е зафатен поголем дел од цврстите забни ткива или кога настанува инфекција на забната пулпа. Во тие случаи најчесто се  јавува:


- болка, отекување на непцето до заболениот заб, лош здив и промена на бојата на забот

Како може да се спречи настанувањето на кариес?

- Водете сметка за оралната хигиена. Четкајте ги забите 2 пати дневно- наутро и навечер пред спиење. Користете забен конец и течности за плакнење на устата


- Редовно посетувајте стоматолог  на секои 6 месеци заради контрола и откривање на почетен кариес

- Избегнувајте храна богата со шеќери, посебно мека и леплива храна која повеќе се задржува во устата . Колку повеќе шеќерот е во контакт со забите, толку поголемо ќе биде оштетувањето.

- Избегнувајте да грицкате навечер пред спиење. Храната која заостанува на забите преку ноќта има поголеми шанси да предизвика кариес.

11.5.15

Што се афти?


 Афти се мали ранички кои се јавуваат на слузокожата од усната празнина. Овие ранички се многу болни, а болката дополнително се зголемува при џвакање , зборување или поместување на образите. Се појавуваат изненадно и тоа најпрво на местото се јавува непријатно чувство, жарење, пецкање, црвенило, болка и оток. Најчесто се јавуваат на врвот или на страните од јазикот, како и на внатрешната страна од образите и усните.
 Процесот просечно трае од 3 до 14 дена.


Афтите се доста чести. Се проценува дека 60 % од луѓето имаат афти барем еднаш годишно. Најмногу проблеми со афти имаат младите на возраст помеѓу 20-40 години, а преку 85% се јавуваат кај жените.

Причината за појава на афти не е позната.

Искуството зборува дека афти се јавуваат при : опаѓање на имунитетот, генетска предиспозиција, недостаток на витамини или минерали, преосетливост на некоја храна, при повреда на слузокожата на устата од гризење или иритација од некоја стоматолошка изработка ( протеза, пломба ..), при покачена телесна температура, заради стрес, психичка напнатост, бактериски или вирусни инфекции, анемија, умор, при менструален циклус, настинка, грип, лоша исхрана, исцрпеност.

Покрај тоа афтите може да се појават и при некои кожни болести, болести на сврзното ткиво, кардиоваскуларни заболувања или како последица на леукемија, хемотерапија или зрачење.

Раничките во устата траат од 7 до 14 дена и обично самите се повлекуваат.

За превенција се препорачува подигнување на општиот имунитет, јадење храна богата со витамини и минерали, доволно спиење и редовно вежбање.

За терапија на афтите се користат препарати кои содржат анестетици кои ќе ја намалат болката и средства за дезинфекција на раничките.

Се препорачува плакнење на устата со 3% хидроген пероксид за дезинфекција или со раствор на солена вода ( ¼  лажичка кујнска сол растворена во 200 мл вода )

Кога ќе се појават афти:

-избегнувајте џвакање на цврста храна како чипс, корка од леб, пржена риба и сл. Таквата храна може дополнително да ја надразни афтата и да ја зголеми болката.

-Забите четкајте ги внимателно со четка за заби со меки влакна.


-избегнувајте кисели и жестоки пијалоци, кисели и јаки зачини и жешка храна и течности.

Афтите после 1 до 2 седмици поминуваат сами од себе.

 Лекарска помош треба да се побара само во случај  ако се јават невообичаено големи афти, ако траат повеќе од 3 недели, ако болката е многу голема и не се смирува и во случај  да има и други општи симптоми како покачена температура, кашлица, дијареа.

7.5.15

Храна за здрави заби


Кога јадиме некоја храна, битно е да имаме на ум дека воедно ги храниме и бактериите во нашиот организам, а тоа посебно се однесува на усната празнина и забите. Денталниот плак всушност е тенок слој кој ги препокрива забите а е претежно составен од бактерии. Затоа од големо значење е видот на храна која ја консумираме.

Пред се многу е важна конзистенцијата на храната. Цврстата храна ги разработува жвакалните мускули, ја масира гингивата, ги чисти меѓузабните простори и го поттикнува излачувањето на плунка. Плунката има заштитна функција со тоа што ги чисти забите со испирање и ја намалува киселоста во устата. Затоа секогаш одлучете се за цврста храна кога имате избор.Одберете шницла наместо мелено месо, свежо овошје наместо компот.

Разновидната исхрана богата со витамини, минерали и белковини е многу значајна за здравјето на забите.

Јадете свежо овошје и зеленчук богати со влакна. Оваа храна ја чисти устата и поттикнува лачење на плунка. Особено корисни за забите се: јагоди, јаболка, агруми, киви,круши. Ова овошје е богато со вит. Ц , кој е важен за целото тело па и за забите. Недостаток на вит. Ц доведува до ослабнување и кинење на колагенските влакна кои го прицврстуваат забот за коската, па се отвара пат за продор на бактерии што може да доведе до пародонтопатија.








Јагодите природно ги полираат забите, бидејќи произведуваат ензим кој ги обелува забите.

Од зеленчук изберете морков , млад компир, брокула, тиква, домати, целер... Тие содржат вит. А кој е неопходен за изградба на глеѓта.

Сирењето, млекото, јогуртот и останатите млечни производи се многу здрави за забите. Фактот дека не се кисели ја намалува можноста за ерозија и пропаѓање на забите, а исто се богати со  калциум и фосфор кои се неопходни за здрави заби.

Кромидот и лукот содржат соединенија со сулфур кои се природни антибиотици и убиваат голем број од бактериите. Затоа се препорачуваат во секојдневната исхрана.

Оревите се богати со витамини и минерали, калциум, калиум и цинк и се многу здрави за забите.


Интегралниот леб со семенки е доста поздрав, бидејќи треба подолго и поцврсто да се жвака, во споредба со белиот, леплив леб.

Што се однесува до намирниците од животинско потекло, корисни се  пилешко , мисиркино, говедско месо како и јајцата бидејќи содржат фосфор. Фосфорот, заедно со вит. Д и калциумот се главни состојки на коскениот систем и овие елементи ги прават забите цврсти и здрави.

Поголем дел од билките делуваат благотворно на забите и усната празнина.
Цимет, магдонос, камилица, жалфија,нане, рузмарин- имаат антисептичко и противвоспалително дејство и го освежуваат здивот.


Што се однесува до течностите, најздрави за забите се водата, млекото, незасладените чаеви и природно цедените сокови без додаток на шеќер.


Посебно е лековит зелениот чај бидејќи изобилува со минерални соли и флуор кој штити од кариес. Зелениот чај содржи и антиоксиданси, витамини, а посебно е богат со вит. Е кој го успорува стареењето. Заради присуството на полифеноли  и флавониди, зелениот чај  го јакне имунитетот.  Помага во борбата против стресот заради  L-теанинот ( вид на аминокиселина) кој го содржи. Заради сите овие состојки, зелениот чај претставува извор на виталност и е битен за севкупното здравје кое се огледува и на забите и на нив влијае.

5.5.15

Пародонтален апсцес


Пародонтопатијата е долготрајна болест која минува без болки. Болките се јавуваат само во случај ако  дојде до компликации. Најчеста компликација при пародонтопатијата е појава на пародонтален апсцес.

При пародонтален апсцес доаѓа до насобирање на гнојна колекција во пародонтот, веднаш до самиот заб. Насобирањето на гној настанува ако од било кои причини тој не може да се издренира во усната празнина. Најчесто тоа е заради оток на гингивата или насобирање на субгингивални конкременти.

Пародонталните апсцеси можат да бидат акутни и хронични.

Акутниот апсцес е проследен со силна болка. На местото на апсцесот се забележува оток и црвенило. Болката се зголемува на притисок. Во почетокот отокот е тврд, а за неколку дена омекнува. Заради отокот, забот е разлабавен и боли на потчукнување. Често болката зрачи длабоко во вилицата и е од пулсирачки тип. Обично се зголемени и болни лимфните жлезди под долната вилица, а ретко е покачена и телесната температура.



Доколку не се превземе соодветно лекување, гнојот ќе продре низ коската и гингивата и ќе образува отвор (фистула) низ кој ќе истекува. Тогаш акутниот апсцес преминува во хроничен. 

Хроничниот апсцес има поблаги симптоми. Болката е намалена, неодредена,а пациентите имаат желба  да гризат и стискаат на тој заб. Ако фистулата се затвори, процесот ќе се обнови и повторно ќе се формира акутен апсцес.

Колку и да звучи лошо, појавата на апсцес е добар знак, бидејќи зборува за добра одбрамбеност на организмот, кој успеал да го ограничи воспалението на едно место и не дозволил да се прошири во околните ткива како што е случај кај флегмоната.

Лекувањето на пародонталниот апсцес се состои во елиминирање и дренажа на гнојната колекција. Со тоа акутниот процес се смирува. Лекувањето на издренираниот акутен апсцес, како и на хроничниот главно се состои во отстранување на пародонталниот џеб.