Залевањето на
фисури е многу важна превентивна мерка за заштита од кариес. Тука се водиме од
начелото подобро е да се спречи, отколку да се лечи.
Искуството
покажало дека кариесот кај децата
најчесто се јавува на гризните површини од катниците и преткатниците. На овие
површини од забите видливи се бројни вдлабнувања, јамички, линиски бразди и
жлебови кои со едно име се означуваат како
фисури.Во овие фисури не можат да достигнат влакната од забната четка при
четкање на забите, па поради тоа тука се создаваат услови за започнување на
кариозен процес.
За да се спречи
кариесот на гризните површини на забите, стоматологот ги залева фисурите со
соодветен стоматолошки материјал.Со тоа се пополнуваат нерамнините и се добива
површина која лесно се чисти. За оваа постапка не е потребно стружење на
забите, што ја прави потполно безболна.
Залевањето на фисури најчесто се применува кај децата. Кај возрасните со текот на годините со самото џвакање се израмнуваат џвакалните површини на забите и се губи тој длабок фисурен систем.
За да се изврши
оваа постапка, на стоматологот му е потребно суво работно поле, што значи дека
е многу битно детето да соработува.Прво е неопходно забите да се исчистат со полирање.
Потоа на местото каде што ќе се залеваат фисурите се става ортофосфорна киселина која микроскопски ја нагризува глеѓта. Киселината делува 30 до 60 секунди а потоа се плакне. После тоа забот се суши па се аплицира залевачот. Тој е со течна конзистенција, па лесно навлегува во сите пукнатини. Со примена на полимеризирачко светло, материјалот се стврднува и со тоа залевањето е завршено. Целата постапка трае 5-10 мин.
Залевањето кај
децата може да се направи и на млечни и на трајни заби. Меѓутоа, кога се работи
за млечни запчиња, детето е уште малечко па е тешко да се оствари некоја
соработка која му е неопходна на стоматологот. Сепак, истражувањата покажале
дека доколку се залеат млечните задни
заби во голема мера се намалува процентот на кариес.
Залевањето е
можно само кога има длабоки и здрави фисури. Затоа е најдобро да се залеат забите
веднаш по нивното никнување. Ако помине подолго време, можно е во фисурите да
започне кариозен процес кој тешко се забележува на почетокот. Ако започнал
кариес, тогаш е потребно пломбирање на забите а не залевање на фисури. Затоа во
случај да постои сомнеж за кариес, потребно е да се направи рентген снимка која
ќе му помогне на стоматологот да одлучи која постапка треба да ја примени.
Залевачите обично
остануваат на забите од 3 до 5 години.Сепак, потребна е редовна контрола на секои 6 месеци бидејќи со самото џвакање можно е да се
истрошат па да има потреба да се заменат со нови.
No comments:
Post a Comment