9.4.15

Флуоридна терапија за превенција од кариес


Флуоризацијата е универзално прифатена од стоматолозите и другите медицински лица како корисна метода во превенцијата на кариес.

Флуоридната терапија може да е локална или систематска.

При локалната терапија флуоридите се нанесуваат директно на површината од забите, а при систематска,  флуоридите доаѓаат до забите преку крвотокот.

Во средства за локална терапија со флуор спаѓаат: пасти за заби, водички за уста, таблети за лижење, гелови за премачкување на забите кои во себе содржат флуориди.


Во денешно време, скоро сите пасти за заби и водички за уста содржат флуор. Меѓутоа се работи за многу ниски концентрации кои не се доволни за превенција на кариес.


Кај лица со повисок ризик од кариес, стоматологот може да препорача премачкување на забите со флуоридни гелови или таблети за лижење кои содржат флуориди.

 Во таблетите за лижење обично има нешто повисока концентрација на флуор- до 1 мг. Ваквите таблети се држат во уста додека не се растопат со што флуоридите директно делуваат на површините од забите но дел од нив и се апсорбираат во устата, така да тие имаат и систематско дејство.



Флуоридните гелови ги аплицира стоматологот. Прво забите се полираат, а потоа се премачкуваат со гел кој стои во устата околу 5 мин. После гелот се плакне, а пациентот не треба да консумира  храна, течности и цигари наредниот половина час.




Систематската флуоризација може да се врши преку флуорирана вода, млеко, сол или со помош на таблетки со флуор.

Таму каде што е флуорирана водата за пиење, нема потреба да се примаат никакви други суплементи со флуор.  Американскиот центар за контола на болести, ја сврстил флуоризацијата на вода во првите 10 најголеми здравствени достигнувања на 20 век.


Во земјите каде питката вода не е флуорирана се препорачува примање на таблети со флуор, посебно кај децата до 14 години кога се развиваат трајните заби.

Нив ги препишува стоматолог во строго определена концентрација.

Препорачани дози на флуор се:

- деца од 6 месеци до 3 години -0,25 мг
- од 3 год.  до  6 год. -0,50 мг
- од 6 год.  до  14 год. – 1 мг

Докторите обично препорачуваат бремените жени  да  пијат флуорни таблети  од  4ти месец на бременост во концентрација од 1 мг. Тоа е периодот кога започнуваат да се формираат зачетоците на заби кај плодот.

Флуорот кој се прима орално преку  таблети , се вградува во структурата на забите и ги прави забите поцврсти и поотпорни на кариес.

8.4.15

Флуориди и превенција од кариес


Глеѓта е забно ткиво кое го препокрива видливиот дел од забот во устата. Тоа е најцврстиот орган во човечкиот организам. Изграден е од тесно збиени кристали од  минерали и е прва бариера во одбрана од кариес.

Во глеѓта секојдневно се одвиваат процеси на деминерализација и реминерализација. Деминерализацијата, односно разложувањето на кристалите во глеѓта настанува под дејство на киселините кои го напаѓаат забот. Овие киселини ги создаваат бактериите од  денталниот плак.Тие ги користат шеќерите од храната која ја консумираме и ги разложуваат до киселини. Со процесот на деминерализација, глеѓта ослабнува и станува понеотпорна.


Како што се случува разложување на кристалите од глеѓта, така секојдневно се вградуваат и нови кристали односно настанува процес на реминерализација. Битно е да постои рамнотежа меѓу овие два процеси за да не настане нарушување во одбрамбениот механизам на глеѓта.Ако преовладува процесот на разложување на кристали, се создаваат услови за појава на кариес.

За да создаде нови кристали организмот користи претежно калциум, натриум и флуор од храната. Истражувањата покажале дека најцврст облик на кристали се добива при вградување на флуор.




Флуорот е многу реактивен елемент и затоа во природата го среќаваме само во форма на соединенија- флуориди. Флуоридите ги внесуваме во организмот преку  храната и водата. При контакт со забите, флуоридите се вградуваат во глеѓта во форма на флуорапатит и ја зацврстуваат.Со тоа глеѓта станува поотпорна на дејството на киселини.





Во тоа се состои и улогата на флуоридите во превенција од кариес. Истражувањата покажале дека со апликација на флуориди на забите и нивно вградување во глеѓта, значајно се намалува процентот на кариес кај популацијата. Кога флуориди се даваат на деца до 6 години, докажано е дека тие се вградуваат во структурата на забот и ги прават забите поотпорни  на дејство на киселини а со тоа и поотпорни на кариес.

7.4.15

Залевање на фисури


Залевањето на фисури е многу важна превентивна мерка за заштита од кариес. Тука се водиме од начелото подобро е да се спречи, отколку да се лечи.

Искуството покажало дека  кариесот кај децата најчесто се јавува на гризните површини од катниците и преткатниците. На овие површини од забите видливи се бројни вдлабнувања, јамички, линиски бразди и жлебови кои со едно име се означуваат како фисури.Во овие фисури не можат да достигнат влакната од забната четка при четкање на забите, па поради тоа тука се создаваат услови за започнување на кариозен процес.

За да се спречи кариесот на гризните површини на забите, стоматологот ги залева фисурите со соодветен стоматолошки материјал.Со тоа се пополнуваат нерамнините и се добива површина која лесно се чисти. За оваа постапка не е потребно стружење на забите, што ја прави потполно безболна.

Залевањето на фисури најчесто се применува кај децата. Кај возрасните со текот на годините со самото џвакање се израмнуваат џвакалните површини на забите и се губи тој длабок фисурен систем.

За да се изврши оваа постапка, на стоматологот му е потребно суво работно поле, што значи дека е многу битно детето да соработува.Прво е неопходно забите да се исчистат со полирање.


Потоа на местото каде што ќе се залеваат фисурите се става ортофосфорна киселина која микроскопски ја нагризува глеѓта. Киселината делува 30 до 60 секунди а потоа се плакне. После тоа забот се суши па се аплицира залевачот. Тој е со течна конзистенција, па лесно навлегува во сите пукнатини. Со примена на полимеризирачко светло, материјалот се стврднува и со тоа залевањето е завршено. Целата постапка трае 5-10 мин.


Залевањето кај децата може да се направи и на млечни и на трајни заби. Меѓутоа, кога се работи за млечни запчиња, детето е уште малечко па е тешко да се оствари некоја соработка која му е неопходна на стоматологот. Сепак, истражувањата покажале дека доколку се залеат  млечните задни заби во голема мера се намалува процентот на кариес.

Залевањето е можно само кога има длабоки и здрави фисури. Затоа е најдобро да се залеат забите веднаш по нивното никнување. Ако помине подолго време, можно е во фисурите да започне кариозен процес кој тешко се забележува на почетокот. Ако започнал кариес, тогаш е потребно пломбирање на забите а не залевање на фисури. Затоа во случај да постои сомнеж за кариес, потребно е да се направи рентген снимка која ќе му помогне на стоматологот да одлучи која постапка треба да ја примени.




Залевачите обично остануваат на забите од 3 до 5 години.Сепак, потребна е редовна контрола  на секои 6 месеци  бидејќи со самото џвакање можно е да се истрошат па да има потреба да се заменат со нови.

6.4.15

Пескарење и полирање на забите


Професионално чистење на забите треба да се прави на секои 6 месеци. Покрај отстранувањето на забен камен со помош на ултразвучен апарат, професионалното чистење опфаќа и пескарење и полирање на забите.

Отстранувањето на меки наслаги и пигментации на забите се врши со помош на Air- flow систем,а таа постапка се вика пескарење на забите.



Со системот за пескарење на забите се отстрануваат различни пигментации од кафе, вино, цигари од  местата кои не можат да се исчистат со помош на ултразвук. Овој метод се користи и како профилакса кај пациентите кои носат фиксни протези.

Постапката се изведува со помош на специјален апарат, кој под силен притисок испушта прав помешан  со млаз вода на површината од забите.Правот се состои од ситни честички на калциум карбонат или  натриум хидрогенкарбонат  достапен во неколку различни вкусови. 


 Како резултат на таквото дејство, брзо и ефикасно се отстрануваат меките наслаги и пигментациите на забите.

Третманот трае  15-20 мин. и е потполно безболен и нештетен. После третманот забите се почисти, посјајни и здивот е посвеж . Пескарењето на заби се прави и како припрема при белење на забите.

Полирањето на забите се врши машински со помош на соодветни ротирачки четки и гумички и абразивна,ароматизирана паста. 





Оваа постапка може да се користи самостојно за отстранување на меките наслаги или во склоп на професионалното чистење на забите. Целта е да се добијат чисти и мазни површини со што ќе се одложи повторното наталожување на забен камен.





Се препорачува пескарење и полирање на заби да се прави на секои 6 месеци, меѓутоа по желба на пациентот може да се направи и на 2 до 3 месеци. Овие постапки се потполно безболни и нештетни и можат да се применуваат и кај децата.





Пескарењето и полирање на забите не може да се смета за третман на избелување на забите, но после овие постапки забите секако изгледаат почисти, посјајни и побели.

3.4.15

Отстранување на забен камен


Без разлика колку и да ги чистиме забите дома, секогаш постојат тешко достапни места на кои ќе се наталожи дентален плак, забен камен и ке се создадат услови за развој на кариес. Заради тоа се препорачува редовно професионално чистење кај стоматолог на секои 6 месеци.


Професионалното чистење на забите опфаќа:

-отстранување на забниот камен

-отстранување на меки наслаги и пигментации

-полирање на забите

-во посебни случаи по потреба се врши и премачкување со флуор и залевање на фисури кај децата и чистење на забните помагала т.е  денталните протези кај возрасните.

Отстранувањето на забниот камен може да се врши рачно и машински со помош на ултразвуk. Рачното отстранување на забен камен е сосема застарена техника и денес не се применува.


Машинското отстранување е со помош на ултразвучен апарат. Вибрациите на ултразвучниот продолжеток го разбиваат забниот камен, без притоа да го оштетат забот.Тоа е потполно неинвазивна и безболна техника.Единствено кај некои пациенти може да се јави осетливост кога се работи во пределот на забниот врат.



Кај пациенти кои редовно одржуваат орална хигиена,отстранувањето на забен камен оди доста брзо и безболно.Само во случаи кога има понапреднати знаци на пародонтална болест, потребно е да се направи план на терапија и да се употребат и дополнителни методи за чистење на пародонталните џебови.

Во никој случај немојте да пробувате сами да го отстранувате забниот камен дома, бидејќи така  може да настанат трајни оштетувања на забите.




После отстранувањето на забниот камен кај стоматологот, не можеме со сигурност да кажеме после колку време тој пак ќе се наталожи. Кај некои пациенти повторно се јавува и после месец дена, додека кај други може да не се јави ни цела година и повеќе.

2.4.15

Забен камен и зошто е тој штетен


Постои разлика помеѓу дентален плак и забен камен. Денталниот плак е мека наслага и може да се отстрани со четкање на забите со четка и паста за заби. Забниот камен е цврста наслага и не може да се отстрани со четкање.

Доколку не се четкаат забите редовно, во заостанатиот дентален плак после неколку дена започнуваат да се таложат минерали кои потекнуваат од плунката. Така започнува да се формира забниот камен.


Забниот камен не се создава кај сите подеднакво.Брзината на таложење е индивидуална и зависи од повеќе фактори:

- возраста- забниот камен често се јавува кај возрасните,додека кај децата е многу редок

-киселоста на плунката- колку плунката е покисела, толку побрзо се создава забен камен

- состав на плунката- доколку плунката содржи повеќе минерали, забниот камен побргу ќе се создава

-степен на орална хигиена- колку е полоша хигиената на устата и забите, толку е поголем бројот на бактерии, поголема е киселоста и има  повеќе услови за наталожување на забен камен

-исхрана- леплива храна полна со шеќери  тешко се чисти, привлекува бактерии и ја зголемува киселоста во устата

- пушење- студиите покажале дека пушачите имаат поголема шанса за наталожување на забен камен на забите

По боја,забниот камен обично е жолтеникав, но може да поприми и потемна боја зависно од храната која се консумира или ако сте пушач.

Забниот камен се таложи на забните коронки во близина на гингивата.Најмногу се таложи на јазичната страна од долните секачи и на надворешната страна на горните молари бидејќи тука се наоѓаат изводните канали на плунковите жлезди.

Исто така забниот камен се таложи и ви просторот помеѓу гингивата и забот, т.н забен сулкус.Таквите цврсти наслаги можат да се видат само кога гингивата ќе се помести или ќе се повлече во правец на коренот на забот.

Зошто забниот камен е штетен ?

Забниот камен, директно или индиректно, има улога во настанувањето на забен кариес, гингивит и пародонтопатија.

Бидејќи е наслага која цврсто е поврзана за забот, пред се ја оневозможува добрата хигиена.Неговата површина е рапава, па на него се задржува повеќе дентален плак.Присуството на бактерии, кои создаваат киселини,  ја разјадуваат глеѓта и доведуват допојава на кариес на забите.На гингивата предизвикува оштетување и појава на воспалителен процес( гингивит)



Забниот камен кој се таложи под гингивата,со своето присуство механички  врши притисок на гингивата и го нарушува крвотокот.Заедно со присуството на бактерии,доведува до оштетување на потпорните ткива на забите што води кон пародонтопатија која резултира со разнишување и испаѓање на забите.




Исто така, истражувањата покажуваат дека бактериите во устата преку крвотокот предизвикуваат срцеви и други заболувања во организмот.


1.4.15

Што е дентален плак?

Често го споменуваме денталниот плак како главен виновник за кариес и воспаление на гингивите. Што е всушност дентален плак?

Дентален плак е прозирна, безбојна, мека наслојка полна со бактерии која се таложи на сите површини во устата. Тоа значи дека се наталожува на забите, на забниот камен, на пломбите, на вештачките заби и на гингивите. Кога јадеме, бактериите од плакот ги користат шеќерите од храната за да произведат киселини. Токму тие киселини се одговорни за разјадување на глеѓта и појава на кариес и воспалителни процеси.

Денталниот плак започнува да се создава од самата плунка веднаш после четкањето на забите, како  една тенка наслојка. Таа наслојка е цврсто поврзана за површината и не може да се отстрани само со плакнење на устата, туку се отстранува со четкање на забите со паста и четка за заби.Наскоро во таа наслојка започнуваат да се населуваат бактерии.За да созрее денталниот плак потребни се 2-3 дена. Заради тоа, иако се создава непрестајно, доволно е четкање на забите 2 пати дневно за да се отстрани плакот и да се спречи неговото созревање.

Ако забите не се четкаат, во плакот се наталожуваат се повеќе бактерии,наслагите стануваат видливи и доведуваат до воспалување на гингивата. 

После 2 седмици, во денталниот плак се таложат и минерали кои потекнуваат од плунката и се создава забен камен.Забниот камен веќе е цврста наслојка и тој не може са се отстрани со четкање на забите.Потребно е да се посети стоматолог кој ќе го отстрани забниот камен со помош на ултразвучен апарат.

Фактори кои помагаат за побрзо создавање на дентален плак се:

-недоволна хигиена на устата и забите- колку што е полоша оралната хигиена, толку ќе има повеќе дентален плак

-намалено лачење на плунка- доколку количината на плунка во устата е помало,тогаш изостанува природното прочистување на устата и доаѓа до побрзо таложење на дентален плак.

-конзумирање на мека храна богата со шеќери- меката храна лесно се прилепува во устата.За здрави заби се препорачува цврста и сирова храна која природно ги чисти забите.

- неправилна положба на забите- во случај на збиени и неправилно поставени заби, чистењето е отежнато и тука побрзо се наталожува дентален плак.

-лоши навики- џвакањето само од една страна на устата овозможува брзо наталожување на плак од  другата неактивна страна. Исто и дишењето на уста го забрзува таложењето на дентален плак, бидејќи со тоа се суши устата и се оневозможува заштитното дејство на плунката.

-лоши стоматолошки изработки- лошо изработените пломби, коронки, мостови и протези го олеснуваат наталожувањето и насобирањето на забен плак.

Бидејќи е главен виновник за кариес и гингивални заболувања,отстранувањето на денталниот плак е приоритет.Оттука е и значењето на темелна и редовна орална хигиена.