8.4.15

Флуориди и превенција од кариес


Глеѓта е забно ткиво кое го препокрива видливиот дел од забот во устата. Тоа е најцврстиот орган во човечкиот организам. Изграден е од тесно збиени кристали од  минерали и е прва бариера во одбрана од кариес.

Во глеѓта секојдневно се одвиваат процеси на деминерализација и реминерализација. Деминерализацијата, односно разложувањето на кристалите во глеѓта настанува под дејство на киселините кои го напаѓаат забот. Овие киселини ги создаваат бактериите од  денталниот плак.Тие ги користат шеќерите од храната која ја консумираме и ги разложуваат до киселини. Со процесот на деминерализација, глеѓта ослабнува и станува понеотпорна.


Како што се случува разложување на кристалите од глеѓта, така секојдневно се вградуваат и нови кристали односно настанува процес на реминерализација. Битно е да постои рамнотежа меѓу овие два процеси за да не настане нарушување во одбрамбениот механизам на глеѓта.Ако преовладува процесот на разложување на кристали, се создаваат услови за појава на кариес.

За да создаде нови кристали организмот користи претежно калциум, натриум и флуор од храната. Истражувањата покажале дека најцврст облик на кристали се добива при вградување на флуор.




Флуорот е многу реактивен елемент и затоа во природата го среќаваме само во форма на соединенија- флуориди. Флуоридите ги внесуваме во организмот преку  храната и водата. При контакт со забите, флуоридите се вградуваат во глеѓта во форма на флуорапатит и ја зацврстуваат.Со тоа глеѓта станува поотпорна на дејството на киселини.





Во тоа се состои и улогата на флуоридите во превенција од кариес. Истражувањата покажале дека со апликација на флуориди на забите и нивно вградување во глеѓта, значајно се намалува процентот на кариес кај популацијата. Кога флуориди се даваат на деца до 6 години, докажано е дека тие се вградуваат во структурата на забот и ги прават забите поотпорни  на дејство на киселини а со тоа и поотпорни на кариес.

No comments:

Post a Comment