23.4.15

Стоматолошки проблеми во тек на бременост


Со оглед на тоа дека бременоста влијае на сите аспекти од животот на жената, неопходно е во текот на тој период  да се обрати особено внимание како на општото така и на оралното здравје.

 Многу мајки се жалат дека во тек на бременоста  се зголемила појавата на кариес на забите и од тогаш изгубиле барем еден заб.
 Кај народот постои верување дека во тек на бременост, забите ослабнуваат заради тоа што калциумот од забите на мајката преминува во плодот.
 Ова верување не е точно, зошто при недостаток од калциум кај плодот, тој се ослободува од коските на мајката, а не од забите.
 Сепак, вистина е дека се јавуваат стоматолошки проблеми кај бремените жени.

Во тек на бременоста, повеќето жени имаат гадење и повраќање. Киселините од желудочниот сок ја оштетуваат глеѓта и забите се поподложни на кариес.

Кај некои жени се зголемува потребата за грицкање, посебно на блага храна. Шеќерот од храната предизвикува расипување на забите.

Сепак, најчест и најголем проблем при бременоста е појавата на гингивит, т.н. гравиден гингивит.

Гингивитот во бременоста настанува заради хормоналните промени во телото на идната мајка и тоа е нормална физиолошка промена во тек на бременоста. Гингивитот обично започнува околу вториот месец од бременоста заради покачено ниво на хормони или промена на имунолошкиот статус.

 Се манифестира со црвенило, оток и крварење од непцата.Во некои случаи гингивата препокрива поголем дел од забите со што се отежнува самочистењето во устата.

Основно правило при гингивит е редовно одржување на хигиената на устата и забите, но некои трудници, заплашени од крварењето при четкање, престануваат со редовната орална хигиена. Тоа само уште повеќе ја влошува состојбата.

Во одредени случаи , ако постои наследна основа, гингивитот може да премине во пародонтопатија, или во една хронична форма-пиоген гранулом. Тоа е безопасен, мек израсток со црвена боја, најчесто локализиран во меѓупросторот на предните заби. Грануломот обично не е поголем од 2 см и не предизвикува болка.Најчесто се повлекува сам од себе после породувањето. Ако во тек на бременоста грануломот предизвикува пречки или почне да боли, може и хируршки да се отстрани.




Гингивитот и крварењето на непцата може да потрајат во тек на целата бременост. После породувањето, кога хормоните се враќаат на физиолошкиот статус, се губи и гравидниот гингивит. Меѓутоа, заради намалена орална хигиена во тек на бременоста, веќе дошло до појава на кариес и промени во ткивата околу забот.

No comments:

Post a Comment