Пародонтопатијата
е заболување кое го зафаќа потпорниот апарат на забите. Ако не се лекува,
болеста напредува и доведува до потполно уништување на потпорните ткива, што
резултира со губење на забите.
Затоа е многу
важно навремено да се препознаат симптомите на пародонтопатија, како би можело
што побрзо да се започне со лекување на болеста.
Болеста започнува незабележително со благо крварење од гингивата. Крварењето се јавува при четкање на забите или при јадење на цврста храна. Непцата се благо зацрвенети и малку отечени.
Како што напредува болеста, крварењето станува се поинтензивно, дури и при најмала дразба, а отокот на гингивата е поназначен па пациентите имаат чувство на страно тело помеѓу забите.
Со напреднување на болеста, кај одделни заби гингивата започнува да се повлекува и доаѓа до соголување на забите. Забите изгледаат како да пораснале во должина.
Заради одвојување на непцето од забот, се јавува еден празен простор кој се вика пародонтален џеб. Доколку со врвот од прстот се притисне на гингивата на местото каде што има пародонтален џеб, од него може да се истисне гној.
Со тек на време се забележува дека забите малку се разнишале, а подоцна и значително се клатат.
Некои заби се
изместуваат од својата положба, се накривуваат или извртуваат, па се јавуваат
простори помеѓу забите.
Во крајната фаза, кога потпорниот апарат е тотално уништен, забите започнуваат сами да паѓаат од виличните коски.
Битно е да се знае дека во тек на пародонтопатијата нема болка.(освен ако не се јават компликации)
Затоа е од голема
важност да се обрати внимание на “раните знаци” на болеста
и секој кој што ќе ги забележи, да посети стоматолог заради навремено лекување.
No comments:
Post a Comment