16.4.15

Причини за појава на пародонтопатии


Причините за појавување на пародонтопатија  долго време биле непознати.

 Денес се знае дека  воспалението на гингивата и заболувањето на пародонтот го предизвикуваат бактериите од  денталниот плак.

Покрај денталниот плак , за појавување на пародонтопатијата индиректно влијаат и други фактори кои можат да се поделат на локални и општи.

Локалните фактори го олеснуваат или забрзуваат создавањето и напластувањето на дентален плак. Тоа се :

- Забен камен-  Во настанување на пародонтопатијата има двојна улога : директна и индиректна. Директната улога е во тоа што со својата рапава површина претставува ретенционо место за насобирање на дентален плак, а индиректната улога е во тоа што механички ја потиснува гингивата и ја нарушува циркулацијата на крвта.

- Анатомски аномалии- Неправилностите во обликот и положбата на забите (навалени, збиени заби, отворен загриз и др.) ја оневозможуваат правилната орална хигиена и овозможуваат насобирање на дентален плак.

- Забивање храна во гингивата околу забот ( импакција на храна ) - Втиснувањето на храна во гингивата настанува во тек на џвакањето. Импактираната храна е подлога за размножување на бактерии и исто така и механички ја  потиснува гингивата. Импакцијата на храна настанува кога во устата има кариозни заби, несоодветни пломби и протетски помагала, недостаток на заби во забниот низ, миграција на забите и др.

- Лоши навики- Џвакање само од една страна, користење претежно мека храна, дишење на уста, бруксизам и др., помагаат во напластување на забен плак и со тоа настанување на пародонтопатија.

- Стоматолошки ( јатрогени ) грешки – Лошо изработени коронки, мостови или пломби исто можат да делуваат за настанок на пародонтопатија со тоа што го оневозможуваат самочистењето, предизвикуваат акумулација на плак, механички вршат притисок на гингивата или  преку хемиските состојки кои ги содржат.

Покрај овие локални фактори кои влијаат директно во устата, од големо значење е и состојбата на целиот организам и неговата отпорност. Доколку постои некое системско заболување или нарушување на  општата состојба на организмот, поголема е веројатноста да се појави и побргу да напредува пародонтопатијата. Тоа се општи фактори за појава на болеста. Тука спаѓаат :


- Крвни заболувања – Крвните заболувања како акутни леукози, агранулоцитоза, хеморагиски синдром се пропратени со тешки промени во потпорните ткива на забите. Во овие случаи е намален бројот на бели крвни зрнца, па пародонтот е без заштита од бактериите во денталниот плак.

- Дијабетес- Лицата заболени од дијабет имаат помала отпорност кон инфекции вклучувајки и настанување на пародонтопатија.

- Останати општи заболувања – како рак и AIDS , како и лековите кои се користат за нивна терапија, негативно влијаат на здравјето на гингивата и пародонтот.

- Хормонални промени кај жените – Кај жените во тек на менструален циклус и при бременост  почесто се забележува крварење од забното месо и појава на гингивит.

- Пушење-  Пушењето ја намалува циркулацијата на крв во гингивата, ја намалува отпорноста кон инфекции и го успорува зараснувањето на рани.

- Употреба на некои лекови- Користење на некои лекови  како лекови за регулација на крвен притисок, антидепресиви и др. , го намалуваат излачувањето на плунка а со тоа отсуствува самочистењето и се зголемува осетливоста кон инфекции.

- Наследност- Некои луѓе немаат ни еден од претходните фактори, меѓутоа се генетски предиспонирани за појава на пародонтопатија.

За појава на пародонтопатија може да влијае и неправилната исхрана, стареењето, меѓутоа сите се овие фактори кои само индиректно делуваат како причинители. Основен фактор е лошата хигиена на устата и забите и насобирање на дентален плак.

Од сево ова се заклучува дека пародентопатиите настануваат како резултат на дејството на бактериите од денталниот плак во услови на намалена одбрамбеност ( имунитет ) на организмот.



No comments:

Post a Comment