Многу е важно идните мајки во тек на бременоста
редовно да го посетуваат својот стоматолог. Најдобро би било контролите да се
прават на секои два месеци или најмалку 2 пати во тек на целата бременост, како
стоматологот би го прател оралното здравје на трудницата и навремено би
реагирал ако има потреба.
Идеално е да се
санираат забите претходно, кога се планира бременоста, а после
тоа само да се води сметка за добра орална хигиена и редовно да се прават
контроли кај стоматологот.
Меѓутоа, доколку има потреба од некои стоматолошки
интервенции во тек на бременоста, секако дека можат да се извршат.
Стоматолошките материјали се испитуваат долги години наназад, како би биле што
помалку штетни за ранливата категорија на пациенти како бремени жени, деца,
хронични болни.
Доколку е можно,
добро би било во првото тромесечие да се избегнуваат стоматолошки интервенции, бидејќи
во тој период плацентарниот крвоток е најпропустлив, па некои медикаменти може
штетно да влијаат на плодот. Најповолен период за интервенции на забите е
од 3ти до 6ти месец на бременост.
Стоматологот
треба да соработува со гинекологот кој
ја води бременоста. Доколку се работи за нормална бременост, рутинските
стоматолошки интервенции можат нормално да се изведуваат кај идните мајки.
Оралнохируршките интервенции се изведуваат само со консултација со гинекологот.
Поголемиот број хируршки интервенции можат безбедно да се вршат, додека
интервенции кои не се хитни, како белење на заби, вградување на импланти,
ортодонтски третмани, се одлагаат за после породувањето.
Што се однесува
на локалната анестезија, не постои пречка за нејзина примена кај бремените
пациентки, само треба да се води сметка за видот и дозата на анестетикот.
Во тек на
бременоста, треба да се внимава со употребата на аналгетици, бидејќи може да
влијаат на плодот, продолжена бременост или постпородилно крварење.
Ако е неопходно, се примаат антибиотици од пеницилинска група, додека
тетрациклинските антибиотици се строго забранети, бидејќи можат да имаат
несакани последици за плодот.
Она што бремените
жени би требало да го знаат, е тоа дека рентгенското снимање во тек на
бременоста може најмногу да му наштети на плодот. RTG снимањето треба да се одложи до после
породувањето. Ако навистина е неопходно да се направи рентген снимање, тогаш се
прави со најдобри апарати, во најстроги услови и заштита на плодот со оловни
престилки.
Сепак најбитно
е, доколку кај бремената жена се јават
болки и инфекции во оралната регија, стоматолошките интервенции не смеат да се
одложуваат.
No comments:
Post a Comment