22.4.15

Хиперпластичен и улцеронекротичен гингивит


Најчест вид на гингивит е површинскиот ( катарален ) гингивит. Меѓутоа, доста често, во одредени случаи, среќаваме и хиперпластичен и улцеронекротичен гингивитис.

Хиперпластичниот гингивит се карактеризира со зголемување на гингивите.Тоа зголемување може да биде ограничено на само еден заб или група на заби , а во потешките случаи може да се зафатени сите заби. Зголемувањето на гингивата е во пределот помеѓу два соседни заба, често во вид на зацрвенети топчиња кои стрчат кон устата или кон јазикот.  Некаде се препокриени целите заби.

Овој вид на гингивит најчесто се среќава кај децата и младите. Причина е неправилно одржување на орална хигиена, а може да е и заради постоење на неправилности во положбата и обликот на забите.

Кај возрасните се јавува во случај на ендокрини промени, на пр. кај жените во тек на пубертет, менструација, бременост. Може да се јави и при терапија со некои лекови, или пак ако има генетска предиспозиција.

Лекувањето треба да се спроведе веднаш, и тоа со отстранување на цврстите и меки наслаги на забите, пескарење, полирање и употреба на антисептички средства. Се пломбираат кариозните заби и се заменуваат дотраените стари пломби и протетски помагала.

Доколку гингивата и натаму остане отечена и зголемена, вишокот треба да се отстрани со гингивопластика. Тоа е лесен зафат при кој по хируршки пат се отстранува вишокот на гингива. Денеска најчесто гингивопластиката се изведува со помош на ласер.

Улцеро некротичен гингивит – гингивит со ранички и распаѓање.

Овој вид на гингивит го предизвикуваат анаеробни микроорганизми. Се јавува кај пациенти  кои имаат намален имунитет заради некое потешко органско заболување  пр.  леукемија, продолжени фебрилни состојби, морбили, мононуклеоза, AIDS и др.

 Заболувањето започнува со општи промени како малаксаност, покачена температура. Во устата се јавува зацрвенување на слузокожата пропратено со јаки болки, печење и жарење на непцата. За 2-3 дена се јавуваат ранички на гингивата. Тие ранички силно крварат на допир. Од устата на болниот се шири непријатен здив.

 Со оглед на силните болки, пациентот одбегнува четкање на забите, што уште повеќе ја влошува состојбата.
 Многу често се зголемени и подвиличните лимфни жлезди , а понекогаш има и покачена температура.

Лечењето треба да се одвива под лекарска контрола. Неопходно е да се прима и антибиотска терапија. Битно е и што поскоро да се воспостави добра орална хигиена. Покрај тоа потребно е да се лекува и основното заболување кое довело до појава на гингивитот. Во тек на болеста, пациентот треба да прима помека, кашеста храна  богата со витамини.

По завршувањето на терапијата неопходно е да се изврши ревизија на старите пломби и стоматопротетички конструкции и да се продолжи со добра хигиена на устата и забите како не би се повториле симптомите.

No comments:

Post a Comment